Аферата околу соработката меѓу тајните служби на Германија и САД наскоро може да земе нечија министерска глава.Прашањето сепак треба да биде решено меѓу Берлин и Вашингтон, пишува во својот коментар Каи-А. Шолц.

Лошите Американци конечно треба да кажат на германската јавност што прави американската Агенција за национална безбедност (АНС) и дали таа прислушувала европски политичари. Тоа беше лајт мотив на дебатата околу тајните служби минатата година. Тогаш американскиот експерт Алек Рос ги советуваше Германците сами да се погледнат во огледалото, бидејќи германското надворешно разузнавање БНД не се разликуваат особено од АНС, само што располага со помал буџет, увери поранешниот советник на Хилари Клинтон. Пак според него, вообичаените практики биле познати секому.
Пред 1 година германските медиуми не одделија големо внимание на Алек Рос. Можеби затоа кажаното од него тогаш не одговараше многу на заедничко разбирање за оваа материја.
Тајни служби, а не градинка!
Еве што темата повторно излезе на дневен ред. Во меѓувреме германската јавност дозна дека германското надворешно разузнавање исто така учествуваше во големата игра на службите – една игра во која нема добри и лоши, туку само интереси. Шпионирањето помеѓу пријатели е неприфатливо, изјави минатата година Ангела Меркел. Само што САД и Германија немаат потпишано договор за пријателство. Американците дури и не дозволија Германија да учествува во тајниот сојуз “Пет очи”, создаден да шпионира низ целиот свет.
САД имаат доволно причини да гледаат скептично на Европа и да следат што се случува таму: што се случува на пример со спасот на Грција, каква е ситуацијата во Украина, што мислат Европејците за договорот ТТИП и сл? А кога станува збор за гигантски нарачки за концерните, шпионажата не признава никакви граници.
Тајните служби сепак имаат заеднички интереси во борбата против тероризмот. Токму по тој повод владиниот портпарол Штефен Зајберт рече една интересна реченица, што исто така потона во дебатата меѓу германската јавност: “Во борбата против тероризмот нема подобар партнер од САД”. Тоа звучеше како изговор, но барем беше чист. За другите аспекти од соработката портпаролот остана без зборови. Тие остануваат тајна!
Томас де Мезиер – жртва на пиун?
Така за јавноста премногу работи остануваат мистерија. Пред сè не е јасно дали кабинетот на канцеларката знае во детали што точно прави BND и обратно. Кабинетот на канцеларката сепак не смее да го испушта низ очи “големото”, имено соработката со Американците, без кои не може – барем од финансиски причини.
Некои може да најдете во сето тоа добро, други не. Но шпионажата е и останува еден валкан бизнис, а тајните служби не се градинка. Жртвување пиун, како во царски гамбит, што во моментов се случува на Томас де Мезиер, сепак воопшто не вреди. Со таков шаховски потег, светот нема да стане елементарен. Само ќе биде ликвидиран еден потенцијален наследник на Ангела Меркел. За радост на конкурентката Урсула фон дер Лајен. И за радост на опозицијата, која ќе се пофали со успех во истражната комисија на аферата АНС.
Тоа би бил само привремен внатрешнополитички успех. Ова прашање сепак треба да биде решено меѓу Берлин и Вашингтон. А на тоа бојно поле владее тишина веќе цела година.