На состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС во Нижни Новгород, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги истакна активните напори на земјите-членки на БРИКС за развој на платформа за меѓусебно трговско порамнување во национални валути. Според извештајот на агенцијата ТАСС, Лавров нагласил дека интензивно се работи на спроведување на одлуките донесени на минатогодишниот самит во Јоханесбург, особено во однос на подобрувањето на меѓународниот монетарен и финансиски систем.
За време на дводневниот состанок на министрите, предвидено е да се разменат мислења за актуелни глобални теми, меѓу кои и зајакнувањето на мултилатерализмот во меѓународните односи. Министрите ќе разговараат и за регионални прашања и соработка во рамките на заедницата БРИКС и други платформи, соопшти руското МНР.
Во соопштението се додава дека Русија е фокусирана на зголемување на улогата на земјите-членки на БРИКС во меѓународниот монетарен и финансиски систем и на развој на меѓубанкарската соработка и трансформација на меѓународниот платен систем. Се истакнува и проширувањето на употребата на националните валути на земјите-членки на БРИКС во меѓусебната трговија.
На маргините на министерскиот состанок се одржа билатерална средба меѓу Лавров и шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји. Лавров изјави дека кругот на земји кои делат позиции со Русија и Кина постојано се проширува. Тој исто така истакна дека се повеќе земји покажуваат интерес за соработка со БРИКС и Шангајската организација за соработка.
Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, ќе се приклучи на состаноците во вторник. За време на неодамнешната посета на Кина, Фидан изјави дека Турција е заинтересирана да стане членка на асоцијацијата БРИКС. Во моментов, БРИКС се состои од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, додека Египет, Иран, ОАЕ и Етиопија станаа членки претходно оваа година.