Квалификувано мнозинство од земјите-членки на ЕУ денес го одобрија потпишувањето на трговскиот договор на ЕУ со земјите од „Меркосур“, соопштија четири неименувани дипломатски извори.
Дополнителни заштитни мерки на земјоделскиот пазар што би стапиле на сила во случај на значително зголемување на увозот од Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, исто така, добија одобрение од амбасадорите на ЕУ, соопштија изворите, објави Политико.
Франција, Полска, Австрија, Ирска и Унгарија гласаа против договорот, додека Белгија се воздржа.
Италија, која е клучна за постигнување на потребното мнозинство, на крајот го поддржа договорот, објави „Еурактив“.
За Советот да го усвои договорот, беше потребно квалификувано мнозинство од најмалку 15 од 27-те земји-членки на ЕУ, што претставуваат 65 проценти од населението на блокот.
Последниот чекор е писмено гласање, кое сега е започнато и ќе заврши околу 17 часот денес, за време на кое земјите-членки гласаат писмено, а не на министерски состанок лице в лице.
Тие исто така имаат време дотогаш да поднесат какви било забелешки.
Доколку биде одобрен, овој потег ќе го отвори патот Европската комисија да го потпише договорот следната недела во Парагвај.
„Меркосур“ е политичка и економска организација составена од Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај и Венецуела, чија цел е да промовира слободна трговија и слободно движење на стоки, луѓе и капитал.
Главната причина за одложувањето на потпишувањето на договорот е загриженоста на земјоделците за можниот прилив на евтини производи од Меркосур, како што се говедско месо и шеќер, но и можниот притисок за намалување на стандардите за производство.