Основните, средните училишта и градинките во префектурата Лерин, на северот на Грција, денеска ќе останат затворени по вчерашниот земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала.
Земјотресот се случил во неделата во 23 часот и 43 минути, а особено бил почувствуван во ова подрачје, јавува грчкиот портал „Катимерини“.
Земјотресот особено бил почувствуван во градот Лерин, бидејќи неговиот епицентар бил на само 2 километри од главниот плоштад во тој град.
Пријавени се само помали штети во становите, главно на последните катови од станбените згради, додека според градоначалникот Василис Ѓанакис, три балкони биле сериозно оштетени.
По првиот земјотрес, жителите ги напуштија своите домови и излегоа на плоштади и отворени простори, по што следеа неколку силни последователни потреси во близина на границата со северна Македонија.
Градоначалникот на Преспа, Панајотис Пашалидис изјави дека земјотресот бил почувствуван низ преспанскиот басен и оти засега „не е забележана штета на куќите“.
Земјотресот беше почувствуван и во Македонија, главно во југозападниот дел од земјата, поточно во подрачјето на Битола.