Земјотреси на јапонскиот полуостров Ното, оштетена нуклеарна централа

од Илинка Илиоска
445 прегледи

Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала го погоди полуостровот Ното во северниот дел на Јапонија, по неколку минути следеше нов со јачина од 4,8 степени по Рихтер, проследен со неколку помали земјотреси, соопшти Јапонската метеоролошка агенција. Немаше предупредувања за цунами. Земјотресот ја оштети нуклеарната централа, но властите рекоа дека тоа не влијаело на ладењето на реакторот.

Земјотресите не предизвикаа поголеми штети, но урнати се пет куќи кои беа оштетени во силниот земјотрес што на 1 јануари го погоди тој дел од Јапонија и предизвика големи разурнувања.

Куќи се урнаа во градот Ваџима, но не се пријавени поголеми штети или опасни по живот повреди, соопштија локалните власти во префектурата Ишикива.

Претставникот на Јапонската метеоролошка агенција Сатоши Харада изјави дека се верува дека денешните земјотреси се последователни потреси по оној од 7,6 степени по Рихтер од 1 јануари. Оттогаш, сеизмичката активност малку се намали, но Харада ја повика јавноста да биде внимателна особено во близина на зградите кои претходно беа оштетени.

Брзите возови на Шинкансен и другите железнички услуги беа привремено суспендирани поради безбедносни проверки, но повеќето услуги продолжија, соопшти Западна Јапонија железничка компанија.

Нуклеарната регулаторна управа соопшти дека нема никакви неправилности во двете блиски нуклеарни централи. Еден од нив, Шика на полуостровот Ното, претрпел помала штета, но официјалните лица велат дека тоа не влијаело на функциите за ладење на двата реактори.

Електричната компанија „Хокурику“ соопшти дека нема прекини во електричната енергија.

Денешните земјотреси повторно го разбудија стравот кај мештаните кои се уште ги санираат штетите од земјотресот на Нова година.

Реконструкцијата се одвива бавно во планинските делови на полуостровот, а многу згради оштетени од земјотресот од 1 јануари се уште не се санирани.

Слични содржини