Зголемени платите на вработените во полицијата и здравството во Црна Гора

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Црногорската влада одлучи да ги зголеми априлските плати на вработените во здравството и полицијата за 15 проценти, јавува Анадолија.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, рече дека здравствените и полициските службеници покажале вонредна посветеност во борбата против коронавирусот.

„Наша е обврска кон нивната посветеност и професионализам. Владата ја цени посветеноста и храброста на сите што биле на првата линија за заштита на здравјето и безбедноста на нашите граѓани. Таквиот однос заслужува награда“, рече Марковиќ.

Националното координативно тело објави на 4 мај постепено попуштање на мерките за борба против епидемијата.

Според податоците утринава, во Црна Гора нема нови случаи на заразени со корона.

Анализирани се 122 примероци и сите биле негативни, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

Од почетокот на пандемијата, во Црна Гора се заразени 322 лица.

Бројот на лица кои се опоравиле во меѓувреме се зголемил за три, така што во моментов има 206 лица кои се опоравиле.