Испорачавте се што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот.
Ова во интервју за МИА го вели евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, признавајќи оти треба да се извршат реформи и во самиот процес на носење одлуки внатре во самата ЕУ.
Подвлекува дека проширувањето на ЕУ кон регионот останува нивен стратешки приоритет, и тоа не е променето.
Во однос на тоа дали ќе се засили руското политичко и кинеското економско влијание во регионот по француското „не“ за Северна Македонија, Жбогар за МИА вели дека во ЕУ немаат ништо против земјите да имаат добри односи со други земји.
– Не сме против земјите да имаат добри односи со Руската Федерација, како и економски односи со Кина. Тоа е до самите земји да проценат какви придобивки добиваат со тоа. Убедени сме, а и добивме потврда синоќа од лидерите на сите политички партии, дека тие ја гледаат иднината на земјата во ЕУ и дека ќе сторат се за да го забрзаат процесот, потенцира Жбогар.