Американските власти се сериозно загрижени дека во случај на сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах, оваа либанска екстремистичка организација, која има поддршка од Иран, би можела да ја совлада израелската противвоздушна одбрана (ПВО) на северот на земјата.
Си-Ен-Ен пренесува дека тројца функционери изјавиле дека таква судбина може да го снајде и познатиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“.
Се наведува дека овие неименувани функционери за американската телевизија изјавиле дека овие стравови му биле претставени на официјален Вашингтон од самиот Израел.
Се стравува дека „Железната купола“ би можела да биде ранлива доколку Хезболах ја нападне со својот огромен арсенал на проектили и беспилотни летала.
Загриженоста за тоа дали системот за противвоздушна одбрана ќе издржи таков напад, се вели дека се зголеми само по зголемените навестувања од Израел до американските официјални лица дека земјата се подготвува за копнен и воздушен упад во Либан.
Израелските власти им соопштиле на САД дека планираат да ги префрлат ресурсите од јужниот дел на Појасот Газа во северен Израел како подготовка за можна офанзива против Хезболах.
-Наша проценка е дека барем дел од батериите на „Железната купола“ би биле преоптоварени, изјавил за Си-Ен-Ен висок функционер од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.