Бугарија е подготвена непречено да го воведе еврото, изјави премиерот Росен Жељазков на отворањето на конференцијата „Бугарија на прагот на еврозоната“.
Жељазков коментираше дека успехот на воведувањето на еврото зависи и од довербата на граѓаните, иако, според неговите зборови, таа тенденциозно се поткопува со лажни сугестии и ширење страв.
„Во моментов, ние сме седум процентни поени во корист на довербата. Кога почнавме и до ден денес, ставот на бугарскиот бизнис беше и останува во поддршка на овој чекор. Од моментот кога добивме јасен датум за воведување на еврото и активно објаснуваме што можат да очекуваат луѓето, довербата постојано расте. Дури и најубедените скептици ќе видат сами дека причините за нивниот страв се претерани и неосновани“, рече премиерот.
Според него, воведувањето на еврото во Бугарија е голема одговорност.
„Ние сме доследни во нашите обврски. Веруваме во европската иднина на Бугарија. Уверен сум дека од 1 јануари 2026 година, Бугарија ќе ја пречека новата валута како симбол на зрелост, на зрелоста на нашата европска демократија“, додаде Росен Жељазков за време на конференцијата во Софија.