Жена стравува за својот живот откако ѝ беше одбиено барањето за абортус на Малта

од Stefanija Kuzmanovska
168 прегледи

Американка на која ѝ е одбиено барањето за прекин на бременоста поради малтешките драконски закони се плаши за својот живот додека чека на бебето да престане да му чука срцето, објавија во средата нејзиниот партнер и невладина организација.

„Таа е згрозена“, изјави Џеј Велдреер за France Presse. „Чувствуваме дека една невина жена доби сурова и бизарна казна“.

Двојката беше на одмор во Малта кога Андреа Пруденте беше примена во болница поради обилно крварење во 16-та недела од бременоста. Бебето беше добро, но жената ја изгуби плодовата вода ден или два подоцна. Новите прегледи покажаа дека плацентата е делумно откачена од матката, но срцето сè уште чука, вели Велдреер. Им рекоа да дојдат за 48 часа. Третиот преглед потврди дека „амнионската течност ја нема и бебето нема да преживее“, иако неговото срце сè уште чука, продолжува Велдреер.

Поради целосната забрана за абортус во Малта, лекарите нема да интервенираат, рече тој. Неговите зборови ги потврдија и од невладината организација Doctors for Choice. И оттогаш, двојката чека да застане срцето на бебето, Андреа да има спонтан абортус или да се развие инфекција која ќе ѝ се закани по животот, заклучил нејзиниот партнер Џеј Велдреер.

Нивната осигурителна компанија се обидела да ги евакуира од Малта, но ризиците биле преголеми.

Малта, која е претежно католичка земја, е единствената во ЕУ која целосно го забранува абортусот.

Натали Псаила од Doctors for Choice ја потврди приказната и рече дека ситуацијата е исклучително опасна за мајката.

„Доколку нејзината состојба се влоши, лекарот ќе мора да го прекрши законот, ризикувајќи четири години затвор и да стави крај на бременоста“, рече Псаила.

Слични содржини