Околу 30.000 луѓе учествуваа на Парадата на гордоста во Женева, две недели пред референдумот во Швајцарија за легализација на истополовите бракови.
Учесниците повикаа да се гласа за легализација на хомосексуалните бракови со порака – „Бракот ќе го промени нашиот живот, а не вашиот“.
Швајцарскиот парламент ја отвори вратата за легализација на истополовите бракови со гласање во јуни минатата година, а законот треба да биде потврден на референдум на 26 септември. Истражувањата покажуваат дека околу 80 проценти од населнието поддржуваат истополови бракови, иако Швајцарија заостанува зад другите западни земји во однос на правата на сексуалните малцинства.
„Дури и Бразил и земјите од Латинска Америка одамна ги легализираа истополовите бракови, мислам во 2013 година. Но, овде, во Швајцарија, развиена и богата земја, треба да гласаме за неа, за нешто што е толку очигледно. Не треба да има референдум за тоа“, рече Кели Хекс, жителка на Женева.
Нејзиниот сограѓанин Марио Деодато смета дека е време да се реши тоа прашање и се надева дека законот ќе биде изгласан на 26 септември.
„Луѓето треба да гласаат „за“, јас го сакам тоа 200 проценти! Тоа е важно, ни треба еднаквост за секого, без разлика кој сте, имате право да сакате кого вие сакате“, додава Сесил Фавр од Женева.