МЗТ Скопје Аеродром е казнет со 300.000 денари од страна на Дисциплинската комисија при КФСМ поради постови објавени на официјалните профили на кошаркарскиот првак на социјалните мрежи.
-Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) денеска, дури еден месец подоцна, го информира нашиот клуб дека Дисциплинската комисија (ДК) на 8 октомври донела одлука да го казни МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари, а директорот Тони Грнчаров со двегодишна суспензија и тоа за објави на социјалните мрежи, што е нешто што досега не е видено не само во макбаскетот туку и во спортот кај нас во целост, реагираат од клубот од Аеродром.
Според нив, „ваквата одлука, на која би им завиделе дури и во земја како Северна Кореја, каде што демократијата, човековите права и слободата на говор се еднакви на нула, е донесена по пријава на Перо Антиќ, првиот човек на македонската кошарка, кој по некоја „случајност“ е прв меѓу еднаквите во Управниот одбор, кој самиот го предлага, а кој потоа ги избира членовите на ДК. Подобра потврда на народната „Кадија те тужи, кадија те суди“ не може да се најде ниту во најдобрите епизоди од „Македонските народни приказни“.
-Господинот Антиќ, според членовите на ДК, бил навреден што неговиот лик бил „заматен“ на фотографија објавена на социјалните мрежи на МЗТ Скопје Аеродром и што била објавена „навредлива“, најверојатно само според неговите сфаќања, објава „Добро утро освојувачи на Суперкупот и останати битни и – небитни“. Со тоа, со негово чувство на навреденост сочувствувале членовите на ДК, кои, по игра на случајноста, за својата работа хиерархиски одговараат токму на него (прочитај погоре зошто) и кои за статус во кој тој ниту е спомнат ниту за него е искажан некој збор, го казнуваат МЗТ Скопје Аеродром со 300.000 денари. Случајно или не, ДК во своето образложение не потенцира дека на „спорната“ фотографија не е заматен само ликот на Антиќ туку поголемиот дел од целата фотографија освен делот што е важен за целната публика, за која и постојат нашите социјални мрежи – капитенот Дамјан Стојановски и Горан Василов, синот на нашата клупска легенда Драган Василов, стои во соопштението на МЗТ Скопје.