Жители од Ѓорче Петров бараат општината да реши урбанистички проблеми

од Vladimir Zorba
336 прегледи

Жители на населбите Ѓорче Петров и Дексион во општина Ѓорче Петров денеска со протест искажаа незадоволство од изградба на објект до самата пруга, укажувајќи дека тоа е спротивно на законот кој предвидува оддалеченост од 20 метри.

Со протестот тие бараат од Општина Ѓорче Петров да почне да работи на терен, да гo расчисти и да не го поддржува, како што велат, урбаниот хаос. Протестот го организирaа жители од улиците „Знеполе”, „Македонска преродба”, „Ѓурчин Кокал”, „Радушка” и „Црногорска”.

Од градоначалникот Александар Наумоски и Советот на Општина тие побараа изградба на канализациска мрежа на улиците „Радушка” и „Црногорска”, асфалтирање на ул.„Радушка”, која веќе една година е раскопана, асфалтирање и на ул.„Црногорска” и „Кузман Шапкарев”, како и остатокот од ул.„Знеполе”, и отстранување на сите дивоградби кои се изградени без одобрение за градба и во близина на пругата, без да се почитува законското растојание од 20 метри.

Граѓанската иницијатива информира дека протестите ќе траат се додека локалната власт не почне активно да работи и да расчистува со, како што велат, „урбаната мафија која царува” во нивната општина.

Слични содржини