Свесни сме дека со прифаќањето на Западен Балкан, Европската унија би ги заокружила границите и би го намалила влијанието на Русија и Кина, но мора да има капацитет да се издржи тој притисок, изјави за НИН шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жофре.
Тој нагласи дека Европската Унија јасно се движи кон проширување и ја сака Србија во своето семејство, но тоа е процес кој има свои правила и тие правила мора да се почитуваат.
Србија постигна значителен напредок во реформскиот процес, но има работи, од кои едната е клучната нормализација на односите со Приштина, кои допрва треба да се направат пред приемот во семејството на ЕУ, изјави Жофре.
Жофре повторува дека независноста на Косово не е предуслов за пристапување на Србија во ЕУ, но како цел е поставена целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина преку сеопфатен и правно обврзувачки договор.
Тој изјави дека Делегацијата на ЕУ би сакала да види повеќе информации што Владата на Србија им ги дава на граѓаните за предностите на членството во ЕУ, како и за предностите на земјите кандидати за членство – безвизен режим, намалување на таксите за роаминг, силна соработка во науката, инвестиции од ЕУ.
Според Жофре, процесот на европска интеграција бара придонес од различни актери бидејќи тоа не може да го направи сама владата, иако Владата на Србија е посебен партнер кој спроведува активности финансирани од ЕУ.
Имаме интензивна соработка со Владата и Парламентот, но морам да разговарам и со политичарите кои сега се во опозиција, оние кои се заинтересирани за ангажман во ЕУ, рече Жофре.
Знам дека поддршката на граѓаните на Србија за прием во ЕУ опаѓа, но убеден сум дека кога ќе дојде денот за прием, огромното мнозинство ќе биде за, рече Жофре.