“Жолтите елеци” во Франција протестираа за 16-ти викенд во Париз и други градови, за да покажат дека се уште се мобилизирани против економските политики на Владата , кои тие сметаат дека се во полза на богатите, соопштува “Асошиетед прес” .
Во Париз демонстрантите се собраа во реонот на Триумфалната капија, и маршираа во богатите западни квартови на француската престолнина.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера го повтори повикот за мир, наведувајќи дека е “неприфатливо” насилството по почетокот на протестите на движењето во ноември минатата година. Организаторите тврдат дека сакаат да го одржуваат притисокот врз владата , по двомесечната “голема дебата”, иницирана од Макрон за да им се овозможи на обичните Французи да го изразат своето мислење за економските и демократските проблеми на земјата, а завршува овој месец.
Софи Тисие, координатор на протестот во Париз, коментира дека “ние продолжуваме да протестираме секоја сабота, бидејќи Макрон воопшто не одговара на барањата на” жолтите елеци “. Сакаме да ја повратиме нашата демократија и да го промениме денешниот политички систем”.
” Макрон е вообразен и … дури не се обидува да разбере дека има луѓе кои живеат во голема сиромаштија и несигурност, и дека постојат толку многу нееднаквости”, додаде таа.
Движењето е именувано по флуоресцентни елеци што француските возачи треба да ги носат во возилата за итни случаи.
Протестите започнаа во ноември, за да се спротивстави на зголемувањето на акцизите за горивата, но се проширија во масовно јавно отфрлање на економските политики на Макрон кои демонстрантите тврдат дека се во корист на големите компании и богатите за сметка на обичните работници .