Властите во Зимбабве издадоа дозвола за убивање на најмалку 50 слонови во заштитениот резерват „Сејв Вали“ во јужниот дел на земјата, поради сериозна пренаселеност што го загрозува екосистемот. Според Управата за паркови и диви животни на Зимбабве (ZPWMA), во паркот моментално живеат околу 2.550 слонови – речиси трипати повеќе од капацитетот што животната средина може одржливо да го поднесе, кој изнесува само 880 животни.
Во изминатите пет години, властите преселиле околу 200 слонови во други резервати како дел од напорите за контрола на нивната популација. Но, поради забрзаниот раст на бројот на слонови и недостигот од природни ресурси, Управата одлучила да преземе построги мерки.
Месото од отстреланите животни ќе биде донирано на локалните заедници, кои се често погодени од сиромаштија и недостиг на храна, особено во време на суши. Слоновата коска, пак, ќе остане во сопственост на паркот и нема да биде предмет на меѓународна трговија. Зимбабве е дом на една од најголемите популации на слонови во светот. Слоновите често навлегуваат во населени места во потрага по храна и вода, што доведува до се почести конфликти со луѓето.
Ова не е првпат државата да преземе вакви мерки. Минатата година, беа издадени дозволи за убивање за околу 200 слонови – први по речиси четири децении. И тогаш месото беше распределено до заедниците најтешко погодени од сушата. Овој потег повторно ја отвора дебатата помеѓу заштитниците на природата и властите за тоа како најдобро да се управува со дивиот свет во услови на климатски промени и човечка експанзија.