Зимбабве воведува златници како платежно средство

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Централната банка на Зимбабве објави дека земјата воведува златни пари како законско средство за плаќање во обид да ја стави инфлацијата под контрола.

Довербата во валутата на Зимбабве е на ниско ниво, откако заштедите на населението ја загубија својата вредност поради хиперинфлацијата во 2008 година, кога, според Меѓународниот монетарен фонд, достигна пет милијарди проценти.

Причината за толку ниското ниво на доверба лежи во фактот што населението претпочита да купува американски долари на црниот пазар, кои или ги чува или ги користи за секојдневни трансакции. Многу продавници повеќе не го користат официјалниот долар на Зимбабве.

Првата транша од 2.000 златници е испратена до комерцијалните банки, пренесува Бета.

„Владата се обидува да ја ублажи многу високата побарувачка за американскиот долар бидејќи понудата не може да ја исполни. Очекувањата се дека ќе се ублажи загубата на вредноста на локалната валута, што треба да има некаков стабилизирачки ефект врз цените на стоките“, изјави економистот од Зимбабве, Проспер Читамбара.

Тој додаде дека поради хроничната хиперинфлација во земјата се очекува побарувачката за златници да биде голема, но смета дека мнозинството од населението кое секојдневно се бори за егзистенција нема да може да ги набави.

„За обичниот човек, нема многу директна корист од ова, особено ако нема вишок пари“, смета Читамбара.

Секое лице или компанија може да купи златници од лиценцирани дилери, како што се банките, во локална или странска валута, соопшти централната банка на Зимбабве.

Странците ќе можат да купуваат златници само со странски пари.

Слични содржини