Зимското сметање на времето добро за заштеда на државните ресурси и енергија, предизвикувачко за продуктивноста на работниците

Колку е предизвикувачка промената на стрелките на часовникот врз македонските бизниси?

од Бисера Трајковска
6 прегледи

Во раните утрински часови во недела на 26 октомври часовниците ќе се поместат еден час наназад, со што ноќта ќе трае подолго, а утрата ќе бидат посветли. Иако ова звучи како можност за дополнителен сон, сепак може негативно да влијае на продуктивноста на работниците, како и на нивното ментално здравје. Следствено на ова, останува дилемата дали и колку зимското и летното сметање на времето може да влијае и врз македонските бизниси.

Сметководителка од фирмата „Темпо 99“, Маре Николова,  за „Локално“ вели дека иако реално не се забележуваат значителни промени во продуктивноста кај работниците при зимско или летно сметање на времето, сепак таа е на ставот дека летното сметање на времето е многу подобро.

-Летното сметање на времето е подобро за продуктивноста на работниците, затоа што е подолг денот и следствено на тоа е повисоко расположението, вели Николова.

Таа додава дека зимското сметање на времето има повеќе ефекти на приватниот живот кај луѓето.

Ерсин Исмаил од туристичката агенција „Делфина“ е на ставот дека зимското сметање на времето помалку влијае на продуктивноста на работниците генерално, но конкретно кај туризмот има исто така негативно влијание.

Тој за „Локално“ објаснува дека во периодот кога почнува зимското сметање на времето до крајот на март, се намалува бројот на туристичките тури.

-Ние од Турција носиме гости за во Македонија, и ги шетаме низ целиот Балкан. Со заладување на времето, но и со зимското сметање на времето, ни се намалуват групите, затоа што во тој период туристите имал помалку време за шетање преку ден. Доколку автобус од Охрид тргне за Скопје, ќе бидат потребни до четири часа за да пристигне во главниот град. Ако се земе во предвид и дека еден час се застанува во Тетово, во тој случај туристите кога ќе пристигнат во Скопје, имаат малку време да го прошетат, вели Исмаил.

Како што појаснува, Македонија и Турција имаат еден час разлика, но од моментот кога почнува зимско сметање на времето, разликата се зголемува на два часа, и со тоа се јавуваат повеќе проблеми во комуникација.

Ова е период кој што трае се до крајот на месец март, а со проблемот се соочуваат сите фирми кои се занимаваат со трговија и туризам.

Исмаили е на ставот дека во Македонија треба да се укине зимско сметање на времето, поаѓајќи од одлуката на ЕУ за постепено повлекување на државите од ова правило.

Освен во продуктивноста на работниците, зимското сметање на времето негативно влијае и на менталното здравје.

Докторката Мира Атанасова за „Локално“ објаснува дека со враќање на еден час назад, многу пациенти ќе почуствуваат проблеми.

Фото: принтскрин

Како што посочува, ќе биде потребна минимум една недела, до две недели за адаптација на оваа промена,

-Многу од пациентите нема да почуствуваат големи разлики. Тука мислам на помладите, кои се научени да бидат будни долго време преку ноќ или оние кои што работат втори и трети смени, меѓутоа со годините и со возраста, се јавуваат симптоми, вели Атанасова.

Таа појаснува дека постои проблем во однос на тоа да се „наштима“ биолошкиот часовник.

Посочува дека може да се јават мачнини, тегоби и гадење, а најчесто има промени во расположението. Повеќе се емотивни и емоционални, отколку што се физички проблеми.

Реперкусии ќе имаат и пациенти со хронични дијагнози.

-Пад на притисокот, покачување на притисокот, срцебиење, тахикардија, промена во брзина на работа на срцето, нелагода и голем замор се дел од симптомите. После две недели пациентите веќе се адаптираат и влегуваат во нормален колосек, посочува Атанасова.

Според докторката, важна е и надворешната температура, односно какви ќе бидат временските услови. Дали ќе имаме заладување или пак, нагло затоплување.

-Реуматичарите ќе се жалат на некои зглобни и мускулни болки. Генерално, промена на времето предизвикува и органски и неоргански потешкотии кај голем дел од пациентите, додаде таа.

Во однос на најавите дека е можно да се укине ова правило и кај нас, по одлуката на ЕУ, Атанасова вели дека кај нас законските регулативи се бавни и ќе биде потребно време за истото да се опсервира. Сепак, посочува, законот ќе треба да се изгласа, да се донесе и потоа ние да се искоординираме со другите држави во Европа.

Таа е на ставот дека зимското сметање на времето повеќе одговара во однос на штедење на ресурси и на енергија, како и во однос на затоплување на јавните установи, училишта и градинки.

-Можеби од тој аспект државата смета дека ќе штеди, меѓутоа ние како лекари сметаме дека ова не влијае добро на емотивниот и на физичкиот начин на живот, 

Таа препорачува постарите хронично болни пациенти редовно да ја земаат терапијата и да не прескокнуваат дози.

-Ќе им укажуваме да внимаваат на одредени ситуации, да си обезбедат овеќе течности, електролитни раствори и да имаат најосновна терапија за поткрепа на телото. Ние упорно советуваме Д витаминот да не биде суплементација само за малите деца, туку да го земаат сите категории на граѓани, вели Атанасова.

Исто така, посочува, важно е да се продолжи со физичката активност без разлика на временските услови и со соодветна облека.

Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час поназад.

Б.Т.

Слични содржини