На германските патишта и автопати има повеќе од 20 милиони сообраќајни знаци. Нивната главна цел е да обезбедат ред и безбедност во сообраќајот. Сепак, не сите знаци се лесно разбирливи за возачите – особено оние помалку познати, кои можат да предизвикаат забуна. Еден таков пример е сообраќајниот знак со црвена точка – симбол што многумина не го препознаваат, иако може да биде многу корисен, особено во случај на сообраќајни застои.
Станува збор за дел од таканаречената „црвена рута“, систем осмислен како широка алтернативна сообраќајна траса. Целта на овој систем е да го олесни сообраќајот во услови на гужви, застои или затворања на патишта. Кога сообраќајот ќе се забави или блокира, возачите што ги следат знаците со црвена точка ќе бидат пренасочени по алтернативни рути кои потоа повторно ги враќаат на главниот пат или автопат. Со тоа се избегнува дополнително оптоварување на веќе пренатрупаните сообраќајници, а на возачите им се овозможува побрзо и побезбедно да го продолжат патувањето.
Еден конкретен пример за ваков систем се наоѓа во Баварија, околу тунелот Пфафенштајн (Pfaffenstein) во близина на Регенсбург. Тоа подрачје често се соочува со голем сообраќаен притисок, па таму црвената рута е посебно обележана за да им помогне на возачите полесно да се снајдат за време на застои.
Црвената точка всушност сигнализира постоење на привремена, но стратешки испланирана заобиколница, а нејзината активација зависи од состојбата на терен – особено за време на сообраќајни шпицови, несреќи или патни работи. Иако не се користи секојдневно, возачите се информираат за нејзино активирање преку радио вести за сообраќај или преку апликации за навигација.
И покрај корисноста, многу возачи не се свесни за значењето на овој знак бидејќи ретко е активен и не е широко познат. Сепак, кога е во функција, црвената рута може да биде клучно решение за заштеда на време и избегнување на стрес во сообраќајните гужви.