ЗНАМ и СДСМ во жестока расправа за изборот на Анкица Трпковска за член на АЕК

од Илинка Илиоска
138 прегледи

ЗНАМ и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) разменија остри реакции по повод изборот на Анкица Трпковска за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Трпковска, која се уште се води како сопственичка на компанијата што требаше да ја изгради спорната катна гаража кај Собранието, беше избрана за оваа позиција во период кога се подготвува закон кој би требало да ја обештети нејзината фирма.

Од ЗНАМ се категорични дека изборот на Трпковска е законски и професионално оправдан. Тие тврдат дека Анкица Трпковска ги исполнува сите критериуми за член на АЕК.

„Таа има соодветно образование во правни науки, двојно поголемо работно искуство од законското барање како консултант за телекомуникациски компании, и над 20 години искуство во управување со успешни компании“, велат од ЗНАМ.

„Нема никакви спорни моменти во врска со нејзиниот избор. Трпковска ги исполнува сите услови од конкурсот, а нејзините квалификации се непрекосновени. За жал, некои сакаат да го обезвредат ова назначување поради лични интереси“, велат од ЗНАМ, додавајќи дека јавноста не треба да се обмажува со неосновани критики.

Меѓутоа, СДСМ го критикува изборот на Трпковска и ги обвинува властите за кршење на Законот за електронски комуникации. Според нив, Трпковска нема соодветно работно искуство во оваа област.

„Навела дека има диплома по јавна администрација и магистер по правни науки, но нема посебни познавања од електронските комуникации. Во биографијата пишува дека нејзиното познавање на оваа област се сведува на користење Интернет и Ворд“, реагираше СДСМ.

Од партијата велат дека Законот за електронски комуникации јасно ги дефинира условите за избор на членови на АЕК, кои вклучуваат посебно знаење и искуство во областа на електронските комуникации.

„Станува збор за целосно некомпетентен кандидат за оваа позиција“, се додава во реакцијата на СДСМ.

Од ЗНАМ, пак, потсетуваат на јавноста на одобрението за изградба на катната гаража, кое било потпишано од поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, кој, според нив, е поврзан со СДСМ.

„За парцелата пред Собранието за која се зборува во прес-конференцијата на СДСМ, одобрението за градба го потпишал нивниот поранешен нај неуспешен градоначалник на Центар, Андреј Жерновски“, додаваат од ЗНАМ.

Слични содржини