Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат непристојниот и груб однос на пратеникот Димитар Апасиев кон новинарите, служејќи се со стигматизирачки и дискриминаторен говор и нарекувајќи ги новинарите „проститутки“, во знак на незадоволство за начинот на којшто известуваат од меѓувладината конференција во Брисел.
-Со самото тоа, како актуелен пратеник и лидер на политичка партија, негативно влијае врз слободата на изразување и квалитет на јавната дебата, порачуваат од таму.
-Со своите вчерашни јавни изјави на социјалната мрежа Фејсбук, Апасиев демонстрира пример на тоа како јавна личност не треба да комуницира со новинарите и јавноста воопшто.
Ова не е првпат Апасиев да се служи со ваков говор и да има арогантен однос кон новинарите. Со тоа директно го крши и Кодексот на етичко однесување на пратениците, според којшто во член 6 се наведува дека „пратеникот е должен при извршување на функцијата да се однесува со особено внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец“, истовремено мотивирајќи и други партиски приврзаници, но и други поединци и групи во општеството, на истиот начин да се постават кон новинарите.
Повторно укажуваме и предупредуваме дека со ваквиот говор и настап е возможно да се поттикне насилство кон новинарите, што е апсолутно спротивно со законот, за што одговорност имаат и институциите на системот, стои во соопштението од ЗНМ и СЕММ.