Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро реагираат за третманот и за цензура на медиумите, новинарите и фоторепортерите, на вчерашниот Економски форум во организација на Кабинетот на премиерот на Владата во координација со кабинетите на премиерот на Албанија и на претседателот на Србија на кој беше промовиран „Отворен Балкан“ меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.
„До ЗНМ и ССНМ вчера стигнаа поплаки од новинари и фоторепортери дека не им биле овозможени соодветни услови за работа на Форумот, па дел од нив биле станувани од организаторот од местата на кои седеле, иако првично им било кажано дека се наменети за нив, со упатување „да се снајдат“ за место. Со тоа особено на телевизиските новинари им бил направен проблем во работниот процес, бидејќи биле оддалечени од снимателите и контакт со нив при извршување на работните задачи.
Дополнително на фоторепортерите, освен што им било ограничено движењето, не им било обезбедено место за нивната опрема и да ги испратат материјалите до редакциите, па дел од нив префрлаа материјали и работеа буквално клечејќи или седнати на под.
ЗНМ и ССНМ реагираат на информациите дека на прес-конференцијата на новинарите им било соопштено дека нема да имаат можност да постават прашање, освен три медиуми во државна сопственост за кои на ниво на кабинети на организаторите претходно било договорено да постават прашање – по еден медиум од трите држави претставени на Форумот – РТ Албанија, агенцијата Танјуг и агенцијата МИА. Со тоа, иако било предвидено и договорена можност за поставување на девет прашања, сите девет биле поставени од овие три медиуми, без можност друг медиум да постави прашање.
Ваквиот однос на организаторите освен што ги става во нерамноправна положба медиумите и врши дискриминација по основ на сопствеништво на медиумите, воведува и пракса на избор на подобни и неподобни медиуми за поставување на прашања на ниво на кабинети и ја гуши слободата на изразувањето преку оневозможување повеќе различни медиуми да постават повеќе прашања на прес конференција, особено што за такво вчера нешто постоела можност и тоа девет пати.
ЗНМ и ССНМ ги охрабруваат своите членови и другите медиумски работници доколку во иднина им биде попречено правото на известување да се организираат и да го напуштат настанот. Правото на информирање е загарантирано право и должност на медиумите, како што е должност и на организаторите на настани од јавен интерес да овозможат соодветни услови за медиумските работници“, се додава во соопштението.