ЗНМ и ССНМ со целосна поддршка на својата членка Арбнора Мемети

340 прегледи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагираат на начинот на кој без процедура и непочитување на елементарно достоинство и е најавено отпуштање на нашата колешка, фоторепортерката Арбнора Мемети од „Метаморфозис“.

ССНМ детално ја разгледа пријавата и документацијата доставена од нашата членка, врз основа на што заклучуваме дека начинот на кој таа е отпуштена е несоодветен и без оправдана причина.

Имено, отказот не може да биде доставен по електонска пошта како дел од преписка во која од фоторепортерката се бара да престане да ги брани своите авторски права кои и биле нарушени од страна на други правни лица.

Дополнително, самиот факт дека до тој момент работничката не добила официјално предупредување во кое и било посочено дека со нешто ги нарушува работниот ред и дисциплина, или не ги исполнува работните обврски, укажува дека отказот е последица на арбитрарна одлука зад која не стојат оправдани причини.

Во таа смисла новинарските организации изразуваат осуда што „Метаморфозис“ не само што не застана зад својата вработена  која се обиде да ги заштити своите авторски права кои истовремено ги споделува со својата матична редакција, туку ја казни со отказ испратен по мејл, па подоцна оправдуван со обиди за негативни квалификации и деградирање на нејзината работа со што практично и го отежнува и секој иден потенцијален ангажман.

За жал ова не е единствен таков случај во кој редакциите „преку ноќ“ ги жртвуваат своите вработени заради некој телефонски повик, пријателска сугестија или заради можноста од некаков иден лукративен бизнис, но „Метаморфозис“ како организација која е издавач на три медиуми, и која во 2019 година ја доби наградата за Медиум промотор на новинарството како јавно добро „Роберто Беличанец“ не смееше да си го дозволи тоа.

ЗНМ и ССНМ изразуваат целосна поддршка на својата членка Арбнора Мемети и ги охрабруваат сите, а особено младите новинари да се борат за своите права и да бидат меѓусебно солидарни. Само така ќе и се застане на пат на праксата на неправедни отпуштања од работа, на замолчувања и негирање на сиот труд вложен во една редакција во моментот кога таа ќе реши дека веќе не и припаѓа.

Младите професионалци се дефицитарни во овој сектор и потребно е дополнителна мотивација да се задржат и охрабрат во вршење на нивната работа. Затоа упатуваме апел до сите професионални медиуми да обратат особено внимание во професионалната надоградба на младите новинарки и новинари и медиумски работници кои посветено работат во интерес на јавноста.

Слични содржини