Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) соопшти дека според информацијата објавена на порталот Фокус.мк, полициски службеници од полициска станица Неготино денеска дошле на домашна адреса на новинарката Вики Клинчарова од „Фокус” поради службен разговор, односно поради предупредување поради поплака од страна на жената возач која на осми август удри 11-годишно дете со автомобил на улица ,,Маршал Тито” во Неготино.
-ЗНМ смета дека постапката на МВР да се предупредуваат новинари поради објавен текст е непримерна, несоодветна и непотребна , бидејќи на тој начин се врши притисок врз слободата на изразување на новинарите. Бараме одговорност од полициските службеници кои ги злоупотребиле своите овластувања да одговараат за истите, односно против нив да биде поведена дисциплинска постапка.
ЗНМ ќе поднесе претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, со што ќе се бара одговорност за прекршување на полициските овластувања. Очекуваме во најкус можен рок да бидат санкционирани одговорните лица, велат од Здружението.