Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје да ја отфрли кривичната пријава од Агенцијата за разузнавање за новинарот Горан Момировски и Драган Милосављевиќ.
-Пред извесно време Момировски и Милосављевиќ беа поканети за давање исказ во ОЈО а повод за ова е емисијата која се емитува на ТВ Алфа со наслов „Заспиј ако можеш“ од 11ти јануари 2021 година. Укажуваме дека кривичен прогон кон новинари за дела за кои се предвидуваат повеќе години затвор, посебно од страна на безбедносни структури може дополнително да ја загрозат и така кревката слобода на изразување во нашата земја. Вакви постапки може да се толкуваат како притисок кон јавна критика посебно земајќи во предвид дека оваа емисија е објавена во јануари 2021 година, а засегнатите се повикани на давање на исказ во ОЈО кон крајот на ноември или речиси девет месеци подоцна, велат од ЗНМ.
Од здржението посочуваат дека новинарите имаат и право и обврска да се занимаваат и со теми кои се поврзани со националната безбедност, почитувајќи ги во целост етичките и професионалните стандарди во работењето.
-Доколку Агенцијата за разузнавање или било која друга институција има незадоволство од начинот на кој новинарите или медиумите известуваат за нивната работа ги охрабруваме да ги користат само/регулативните механизми.Поднесување на претставки до Советот за етика или Советот за чест е најдобар начин да се утврди дали известувањето е во согласност со Етичките принципи и стандарди на новинарската професија. Кривичните тужби кон новинари беа честа пракса во минатото и поради нив Македонија драстично падна на сите кредибилни индекси за слободата на изразување и беше перципирана како држава во која слободата на изразување и правото на информирање е ограничено, велат од ЗНМ.