ЗНМ: Осуда за непрофесионалниот однос од страна на државен службеник кон снимател на ТВ21

од Nikola Popovski
213 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува односот од страна на државен службеник кон снимателот Африм Јонузи од ТВ21 за време на денешната прес конференција во едно скопско основно училиште.

Имено, на денешната прес конференција, организирана од страна на Министерот за образование и наука и Градоначалникот на Општина Чаир со Директорот на основното училиште ,,Конгреси и Манастири” во општината Чаир во Скопје, снимателот Африм Јонузи од ТВ21 бил попречен во извршување на своите професионални задачи да сними инсерти од страна на лицето Шеријат Шаќири кој според кажувањата од страна на колегите е вработен како помлад соработник за оперативна поддршка на процесот на стратешко планирање во Министерството за образование и наука.

ЗНМ контактираше со снимателот на ТВ 21 Африм Јонузи и тој телефонски ни изјави: ,,откако заврши прес конференцијата, јас со камерата сакав да снимам инсерти кои ќе ми послужат во правењето на прилогот за вестите и тогаш лицето Шеријат Шаќири ме спречи во мојата работа, ми посочи дека јас не смеам да снимам, кој сум бил јас да снимам, итн…” изјави Јонузи.

ЗНМ бара од Министерството за образование и наука да покрене дисциплинска постапка против лицето Шаќири и јавно да се огради од постапките кон медиумските работници на својот вработен.

Слични содржини