ЗНМ: Политичарите да не омаловажуваат новинари во своите јавни говори

од Берта Китинска
160 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непримерната комуникација на Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија.

-Тој во својот партиски говор на митингот што се одржа во саботата пред Владата истакна: „Нè лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени, за волја на вистината, малкумина владини пера, преку мали колумнички, нè убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат“.Укажуваме дека јавното етикетирање на новинарите и на медиумите, посебно од страна на претседатели на политички партии, негативно се одразува на слободата на медиумите и придонесува за цензура и самоцензура.Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи. Агресивниот говор на омраза и заканите кон новинари може да резултираат и со дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси, велат од ЗНМ.

Оттаму потсетуваат дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и дека таа не смее да биде под притисок на политичарите.

-На тој начин се влијае јавниот интерес да се претвори во партиски, а тоа да биде на штета на граѓаните и на нивното право на информирање, велат од ЗНМ.

Слични содржини