ЗНМ: Снимателите и новинарите заедно за кревање на стандардите на професијата

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Како дел од активностите на секцијата на сниматели при ЗНМ, викендов се реализираше тродневна работилница во Струмица на тема: „Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите”. Основната цел за ваквите средби помеѓу снимателите и новинарите е преку детектирање на проблемите во секојдневната работа, со активно учество преку нудење на аргументирани решенија да се обидат да ги надминат предизвиците и направат позитивни промени во заедничката работа како новинари и сниматели. На работилницата во Струмица, поздравни обраќања пред пристутните имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и координаторот на секцијата на сниматели при ЗНМ, Трајче Илиевски.

Во своето обраќање пред учесниците, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски изјави дека е важно преку заедничка дискусија и изложување на проблемите и потенцијалните решенија да се подобрува комуникацијата и се унапредуваат вештините на снимателите, новинарите и медиумските работници: „Практиките, новинари и сниматели заедно да дебатираат за предизвиците во новинарството ќе помогне кон подигнување на квалитетот на тимската работа, во дух на заедничко разбирање и на крајот, поквалитетен продукт, сторија, репортажа.” – потенцираше Чадиковски.

Координаторот на секцијата на сниматели при ЗНМ Трајче Илиевски го сподели своето задоволство од одзивот за оваа работилница од која членовите на секцијата може да има само бенефит. „Многу ме радува што на оваа средба овие неколку дена ќе разговараме за предизвиците и да ги извадме проблемите на виделина со што ќе предизвикаме истите да ги надминеме и заедно како професионалци да ја почитуваме професијата но и да ги вратиме оние стандарди кои постоеа претходно” – рече Илиевски.

Во работниот дел на работилницата свои излагања имаа новинарите Нора Калиќи, Мишко Иванов и Среќко Поповски, снимателите Зоран Догов и Роберт Коцев. Дискутантите говореа за меѓусебната соработка, комуникацијата и координацијата помеѓу новинарите и снимателите. Дебатата беше фокусирана и на компаративните искуства и конкретни предлози како да се унапреди взаемната соработка. Практични вежби со симулација беа составен дел на вториот работен ден од работилницата каде што активно учество имаа снимателите и новинарите.

Една од поважните теми за која се разговараше на работилницата беше и безбедноста во новинарството која се уште е предизвик во секоја област од новинарството.

На настанот учествуваа сниматели и новинари од национални и локални тв станици, како и од сите редакции на јавниот сервис. Настанот е организиран во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување” (Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор за грант број VS/2021/0214.

Слични содржини