ЗНМ: Со насилство против новинари полицијата сака да сокрие од јавноста користење на прекумерна сила врз граѓаните

од desk3
92 прегледи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осудува полициско насилство против новинар и тројца фоторепортери на вчерашниот протест пред канцелариите на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.

12974363_10209382082010033_5027626545273343705_n

– Нападот врз новинарот Горан Наумовски од порталот „Плусинфо“ и четворица фоторепортери, Огнен Теофиловски од „Вест“, Наќе Батев од „Вечер“ и Борче Поповски од „Слободен печат“ и Томе Георгиев од „Фокус“, е напад врз сите новинари и слободата на медиумите. Професионалните апарати и објективи јасно ги идентификуваат фоторепортерите како новинари на задача, се вели во соопштението од ЗНМ.

Нападот врз нив, како што се наведува, е со намера да ги спречи нив да фотографираат кога полицијата интервенира против демонстрантите.

– Со насилство против новинари полицијата сака да сокрие од јавноста користење на неселективна и прекумерна сила врз граѓаните. Со тоа полицијата свесно се стави во улога на цензор и да одлучува што смее да се информира од протестот, стои во соопштението.

Од ЗНМ бараат од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш да ги идентификува насилните полицајци и најостро да ги казни.

– Досега МВР нема расветлено ниту еден случај на насилство против новинари на протести. Ваквото непрофесионално однесување повеќе не може да биде случајност. Полицијата свесно ги прикрива насилниците и делува како да е надвор од цивилна контрола, се вели во соопштението од ЗНМ.