Од здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираа на односот од страна на државен службеник кон новинарката Арбана Ќерими од ТВ Клан за време на вчерашната прес-конференција во Министерството за образование и наука.
За време на прес-конференцијата, организирана од страна на Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, новинарката Ќерими била вербално омаловажена од страна на советник за образовни политики во Министерството за образование и наука.
– ЗНМ контактираше со новинарката на ТВ Клан, Арбана Ќерими и таа телефонски ни изјави: „На конкретно поставено новинарско прашање дали Министерот за образование Јетон Шаќири се чувствува виновен за недостигот на книги и за грешките во учебниците, тој одговори дека не се чувствува виновен, бидејќи тоа го координира Националниот совет во Владата. Потоа на крајно непрофесионален начин, советникот ми се обрати дека сум поставувала тенденциозни прашања за да го извадам министерот од контекст …“ изјави Ќерими.
По завршувањето на прес-конференцијата, на таквиот однос кон новинарката реагирале и другите новинари кои му посочиле на советникот дека нема тенденциозни прашања и дека сите поставени новинарски прашања се легитимни, соопштија од ЗНМ.
Од Здружението бараат од Министерството за образование и наука да се извинат за настанот и да спроведат внатрешна постапка за испитување на одговорноста во оваа ситуација.