Во пресрет на чествувањето за Гоце Делчев, ЗНМ потенцира дека со оглед на тоа што станува збор за настан од исклучителен јавен интерес, неопходно е да се обезбедат услови за непречено известување на новинарите, како на самиот ден на известување така и денес.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на односот на полициските службеници кои во текот на денешниот ден спречуваа новинари и медиумски екипи да си ја вршат професионално својата работа околу црквата Свети Спас во Скопје.
До ЗНМ пристигна реакција од повеќе колеги новинари и медиумски работници кои биле спречени при вршење на професионална работата на јавен простор околу црквата Св. Спас каде се наоѓаат моштите на Гоце Делчев. На прашањето зошто не смеат да снимаат, од службата за комуникации при МВР добиле одговор дека имаат таква наредба, притоа без детали за одлуката. Бараме од МВР да овозможи пристап и да не го попречува правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните. ЗНМ бара од МВР да овозможи пристап за новинарите и медиумските екипи, на локациите за кои новинарите сметаат дека се важни за јавноста, со цел да се заштити слободата на известување и јавно информирање.