Во 1985 година, австрискиот музичар Фалко ја сними песната „Jeanny“, која и ден-денеска важи за еден од најголемите европски хитови.
Но, кратко по објавувањето на песната, националната германска телевизија како и голем број радија ја забраниле оваа песна, иако тоа не го направиле со претходните „Der Kommissar“ и „Amadeus“. Песната „Jeanny“ за кратко време ги засени своите претходници, но морничавиот и двосмислен спот придонесе германскиот радиодифузен сервис да ја забрани за прикажување и емитување.
Во спотот и песната е тешко да се разграничи дали тој зборува за злосторство или за љубов. Некои го обвиниле дека преку песна признава сексуално злосторство, додека понаклонетите ја сфатиле песната како предупредување до младите девојки да не се впуштаат во авантури со непознати.
Но, токму оваа забрана ја направила песната популарна и во Германија, а младите Германци патувале во Австрија за да набават примерок од плочата на која ја имало песната.