Зошто горивото во Германија е значително поскапо отколку во остатокот од ЕУ?

Германската влада го смета неодамнешното зголемување на цените за непропорционално и затоа формираше коалициска работна група со задача да истражи што може да се научи од партнерите во ЕУ

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Гардијан

Поради ескалацијата на војната во Иран, цените на горивата пораснаа низ цела Европа, но Германија беше погодена значително повеќе од повеќето членки на Европската унија.

Цената на бензинот во последните недели скокна речиси 5 отсто, што е значително над просекот на ЕУ. Работната група основана од германската влада се обидува да најде решение, истовремено обвинувајќи ги нафтените компании за остварување на екстрапрофит, пишува Еуроњуз.

Разликата во однос на соседните земји е голема. Во Франција и Австрија цените се зголемија за околу 2 отсто, во Естонија за 3,6, а во Луксембург за 3,5 отсто. Во Словачка и Унгарија е забележан раст од само 0,1 отсто. Европската комисија, која неделно објавува податоци во својот билтен за нафта, посочи особено стрмни зголемувања во Германија, Холандија, Данска и Финска.

Холандските возачи во моментов плаќаат највисока цена на бензинот во Европа, која минатата недела во просек изнесуваше 2,17 евра по литар. Германија е веднаш зад нив со 2,08 евра, а на самиот врв е и Финска, позната по високите цени и на дизел и на бензин.

Најголемиот причинител на разликите во цените лежи во националните даночни системи. Германија традиционално има повисоки даноци на енергија од фосилни горива, делумно поради еколошки причини, а делумно за финансирање на инфраструктурата. Дополнително се наплаќа и надомест за емисии на CO2, што сето заедно ја зголемува конечната цена. Поради тоа Германците автоматски плаќаат повеќе кога цените на суровата нафта на пазарот растат. Во многу други европски земји, ДДВ-то и овие надоместоци за нафта и CO2 се структурно пониски.

Сепак, германската влада го смета неодамнешното зголемување на цените за непропорционално и затоа формираше коалициска работна група со задача да истражи што може да се научи од партнерите во ЕУ. Некои земји веќе презедоа мерки.

Хрватска и Унгарија воведоа ограничувања на цените на бензинските станици. Во Хрватска цените првично се зголемија за околу четири центи по литар, но од 23 март ограничувањето ќе спречи понатамошно поскапување и ќе ја фиксира цената на 1,50 евра по литар. Во Унгарија цената на бензинот е ограничена на 1,51 евро, а дизелот на 1,59 евра, но мерката се однесува само на жителите, што значи дека туристите со странски регистарски таблички плаќаат повеќе.

Во Австрија важи поинакво правило: бензинските станици смеат да ја покачуваат цената само еднаш дневно, точно напладне. Од друга страна, пониски цени се можни во секое време. На тој начин, ситуацијата за потрошувачите е појасна и по транспарентна, но останува прашање дали тоа навистина води до пониски цени.

Министерката за економија, Катерина Рихе, ја критикуваше праксата според која цените на горивата нагло растат кога поскапува суровата нафта, но многу бавно се намалуваат кога нејзината цена паѓа, истакнувајќи дека владата сака „да го разбијe тој механизам“.

Таа предложи бензинските станици, по примерот на Австрија, да можат да ја покачуваат цената само еднаш дневно. Бидејќи возењето автомобил е дел од секојдневието на повеќето Германци – од патување на работа и купување до превоз на децата во училиште – притисокот врз владата да преземе дејство постојано расте.

Работната група формирана како одговор на кризата се состана в понеделник, а нејзиниот претседател, Сеп Мулер, по состанокот ги обвини нафтените компании за „напумпување на цените“. Состанокот резултираше со остри критики на деловните практики во нафтената индустрија.

Нова студија цитирана од „Handelsblatt“ откри дека нафтените компании редовно користат кризи за брзо покачување на цените. Берлинскиот професор по економија, Фердинанд Фихтнер, заклучи дека последното зголемување на цените не може да се објасни исклучиво со растот на цената на суровата нафта.

„Тука се остваруваат навистина високи профити“, изјави Фихтнер за весникот. Работната група сега побара од Канцеларијата за картели да ги прошири своите овластувања, вклучувајќи можност да реагира на цени што ги смета за прекумерни. „Нема да дозволиме да нѐ измамат тука“, порача Мулер.

На состанокот на работната група присуствуваа челниците на германските филијали на „BP“ и „Shell“, претседателот на Федералната канцеларија за картели, Андреас Мундт, како и претставници на индустриски здруженија, здруженија за заштита на потрошувачите и автоклубот „ADAC“. Нафтената индустрија ги отфрли сите обвинувања.

Кристијан Кихен, главен директор на Трговското здружение за горива и енергија, изјави за „Tagesschau“ дека маржите не се менувале од почетокот на војната во Иран и ја критикуваше планираната заостреност на антимонополските закони.

Неколку индустриски организации, вклучувајќи го Федералното здружение на независни бензински станици и Централното здружение на бензински оператори, исто така предупредија против политичко мешање во формирањето на цените според австрискиот модел.

Во заедничка изјава тие истакнаа дека повеќе од половина од цената на горивата се состои од даноци и надоместоци. „Кој сака трајно да ги намали цените на горивата, мора да разговара за уделот на државата во цената, а не да се меша во пазарната конкуренција“, стои во соопштението со кое одговорноста директно се префрла на федералната влада.