Зошто Израел ќе ја прекине испораката на вишок вакцини во пријателските земји?

од Nikola Popovski
174 прегледи

Израелскиот врховен обвинител Авихаи Манделблит вечерва објави дека се стопирани сите испораки на вакцини против Ковид-19 во пријателските земји и дека тој ја испитува законитоста на планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху да испрати дел од вакцините во странски земји.

Манделблит рече дека Израелскиот совет за национална безбедност го информирал за прекинување на испораките додека чекал резултат на тестот за законитост, пренесоа израелските медиуми.

Претходно денес, израелскиот министер за одбрана Бени Ганц повика на итен прекин на планот на израелскиот премиер да достави вишок вакцини на група пријателски земји, објави АП.

Планот на Нетанјаху покажа како вакцината, во време на глобален недостиг, може да стане предност што се користи за дипломатска корист.

Во исто време, тој покрена прашања за тоа зошто Израел им помага на далечните земји во Африка и Јужна Америка во време кога се води борба на соседните палестински територии за набавка на вакцини.

Во писмото до Нетанјаху, Ганц изјави дека залихите со вакцини се сопственост на државата и го критикуваше што самиот одлучил за планот за поделба и го доведе во прашање тврдењето дека навистина има вишок кога Израелците не се целосно вакцинирани.

Министерот за одбрана додаде дека ова не е првпат „да се донесат значителни одбранбени и дипломатски одлуки зад грбот на релевантните тела“, проценувајќи дека тоа може да им наштети на националната безбедност, на надворешните односи и на владеењето на правото

Нетанјаху, кој се обидува да стане премиер по изборите на 23 март, смета дека успешната кампања за вакцинација во која околу половина од 9,3 милиони луѓе ја добија првата доза за помалку од два месеци, ќе придонесе за тоа.