Зошто континуирано потфрла системот за заштита од семејно насилство?

Трагичниот настан во Тафталиџе повторно ги отвори темите за тоа каде институциите и општеството потфрлаат во заштитата на жртвите од семејно насилство и што мора да промениме

од Кристијан Димков
35 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

По трагичниот настан што во понеделникот ја потресе јавноста – смртта на 31-годишна жена, жртва на семејно насилство, и нејзиното шестгодишно дете по пад од балкон во скопската населба Тафталиџе и лавината реакции за непостапување од страна на институциите кои следеа во јавноста од страна на граѓаните на социјалните мрежи, политичките партии и останатите општествени актери – во јавноста повторно се отворија сериозни прашањата за институционалната заштита која системот ги нуди на жртвите од родово базирано насилство.

Случајот, во кој жртвата претходно пријавувала семејно насилство, а подоцна ги повлекувала пријавите, ја насочува вниманието кон постапувањето на полицијата и социјалните служби. По трагичниот настан ОЈО – Скопје 48-часовен притвор за сопругот, осомничен за нанесување телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство додкеа Министерство за социјална политика, демографија и млади соопшти дека по трагичниот случај, се врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјална работа Скопје.

Фото: Социјални мрежи/Креатива Локално

За невладините организации кои работат на унапредување на правата на жените и нивна заштита во случаи на семејно, родово базирано насилство ова претставува само последниот во мрачната долга низа на случаи на непостапување на институциите кои завршуваат со фатални последици. Според проектна координаторка од „Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“ Ана Аврамоска Нушкова, овие трагедии не смеат да се третираат како изолирани инциденти туку како сигнал дека системот мора сериозно да ги преиспита механизмите за проценка на ризик, координацијата меѓу институциите како и навременото преземање на заштитни мерки.

– „Во вакви случаи клучно е да се спроведе темелна, независна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции кои имале надлежност односно обврска да постапат и тоа полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и другите служби. Доколку се утврди дека постоеле пријави или сознанија за насилство, а не биле преземени соодветни мерки за заштита, тогаш мора јасно да се утврди индивидуална одговорност за сите пропусти“, вели Аврамовска за „Локално“.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Косово Онлајн

Соговорничката потенцира дека закони и политики за заштита на жртвите од вакви ситуации постојат, но најчесто не се применуваат. Таа истакнува дека најголем проблем во моментот претставува системот за рана проценка на ризик, додавајќи дека во многу случаи постојат предупредувачки знаци како што се демнење, претходни пријави кои доведуваат до ескалација на насилството но или не се третирани со доволна сериозност или доцни меѓуинституционалата комуникација за нив.

– „Потребно е значително да се зајакне координацијата меѓу полицијата, центрите за социјална работа, здравствените установи и обвинителството, но и да се обезбедат повеќе специјализирани услуги за поддршка на жртвите, како што се советувалишта, психолошка поддршка и безбедни засолништа“, додава таа, напоменувајќи дека вакви трагедии вообичаено не се случуваат „одеднаш“.

Во однос на справувањето со родово базираното насилство, напоменува Аврамовска, борбата мора да се води и на институционално и на општествено ниво, преку зајакнување на механизмите за заштита и превенција, но и преку промена на општествените ставови и норми кои го оправдуваат или релативизираат насилството, додавајќи дека Родовo базираното и семејното насилство претставува не само институционален, туку и сериозен општествен проблем, одржуван од стигмата, притисокот врз жените да молчат и да „го зачуваат семејството“, економската зависност и недостигот од поддршка, додека недоволната или задоцнета реакција на институциите дополнително ја поттикнува културата на толеранција и неказнивост кон насилството.

Слични се гледиштата и на активистката за родова еднаквост и специјалистка за комуникации во „Мрежа Стела“, Марта Стевковска. Таа напоменува дека, како што покажале многу случаи до сега, пропустите на надлежните институции присутни се подолго време, истакнувајќи дека во конкретниот случај недозволиво е да не се направи конкретна проценка на ризик за жртвата и нејзиното дете, со оглед на повеќето пријави против сопругот.

– „Покрај пријавите се појавија и многу сведоштва, а повторно одговорноста институциите ја префрлија на жртвата велејќи дека таа ги повлекувала пријавите. Се додека не се воспостави соодветна институционална заштита нема да имаме со семејно и родово-базирано насилство. Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, вознемирување, демнење, уценување, мизогинија и сексизам, не се изолирани инциденти туку резултат на нашето секојдневие кое ги дехуманизира жените“, нагласува Стевковска во разговор за „Локално“.

Фото: Фејсбук/Стела

Таа додава дека оваа трагедија не претставува изолиран случај и прстот го насочува кон надлежните институции кои го игнорираат, релативизираат, поттикнуваат насилството врз жените како и заедницата која повеќе им верува на насилниците отколку на жртвите. „Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно“, истакнува Стевковска.

Запрашана за тоа кои политики мораме да ги примениме како општество за да превенираме идни вакви трагедии, соговорничката посочува дека иако иако законската рамка постои, честопати таа не се спроведува доследно, додавајќи дека неодамна биле усвоени  промените на Кривичниот законик со кое се предвидува гонење на родово базирано насилство како и воведување на кривично дело  за злоупотреба на фотографии и видеа, останува да се види како овие законски решенија ќе се применуваат во пракса, имајќи ја во предвид дека досегашната имплементација е слаба.

– „Доволно е една институција во овој синџир да потфрли за случајот да биде несоодветно процесиран, што значајно влијае на секоја жртва“, напоменува таа.

Стевковска нагласува дека во македонското општество насилството е нормализирана појава и дека превенцијата ни претставува најслаба точка, ставајќи акцент на вложувањето во образованието и едукацијата додавајќи дека уште од најрана возраст, во училиштата, младите треба да се едуцираат за препознавање на различните форми на родово базирано насилство, вклучително и дигиталното насилство, кое е сè почесто меѓу учениците.

„Предрасудите, стереотипите, осудувањето како и двојната виктимизација исто така се резултат на една патријархална средина која наместо да поддржи и да охрабри ги турка проблемите под тепих и вината ја бара во жртвата, а не во системот и во насилниците“, заклучува специјалистка за комуникации на „Стела“.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека осомничениот и претходно бил лишен од слобода, во декември 2025 година, поради сомнение за кривично дело трговија со дрога, откако кај него биле пронајдени 20 пакувања наркотична супстанција. Според информациите од истрагата, и на кобниот понеделник, само два часа пред трагичниот настан, меѓу сопружниците избила расправија по што била повикана полиција. По интервенцијата, жртвата негирала дека станува збор за семејно насилство, наведувајќи дека се работи за недоразбирање и дека брачните односи ќе ги решава преку развод по институционален пат.

К.Д.