П1: Што значи тоа ако има избори во април?

Груевски, со одолговлекувањето на овој процес, ги уништи сите определби предвидени во второ-јунскиот договор. Ќе спомнам неколку. Од јуни до август, да се спроведат паралелни примени на chapter 23 и 24, односно, глава 23 и 24. Имаме обврски до 15 ноември да се спроведат препораки. Имаме обврски, што до крајот на јули да се заврши со ДИК. Еден куп датуми. Со одолговлекувањето на овој процес, комплетно се прекршени.
П2: Г-дине Заев, што ако г-ѓа Нуланд дојде со конкретен предлог?
Ние сме транспарентни секојпат во нашите постапки. Секако, ако меѓународната заедница, без разлика дали е тоа од Нуланд, комесарот Хан, Могерини… даде конкретен предлог во којшто се исполнети условите, а тоа се споделени одговорности и гаранции помеѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за нормализација на државата, за враќање на корективите во општеството и обезбедување услови за фер, регуларни, слободни и демократски избори, секако е вредно за разгледување.
П3: Прво споменавте дека ќе продолжите со проектот „Вистината за Македонија“, кога планирате да почнете повторно со објавувањето на материјалите и освен тоа што ќе го преземете и ќе продолжите со проектот, која е другата стратегија?
Тоа значи дека буквално од вечерва, во консултација со граѓаните, почнувајќи од политичката коалиција, интелектуалците, граѓанските здруженија, органите и телата на СДСМ, заедно сите, ќе ги донесеме сите конкретни чекори коишто се демократски дозволиви во секоја земја, ќе ги преземеме. Покрај Вистината за Македонија, веднаш го врзувате со споделувањето на доказите и аргументите што го правевме, и сето она коешто е демократски дозволиво и ни стои на располагање, апсолутно ќе го употребиме, соодветно за периодот во којшто делуваме. Летово соодветно за летото, ќе дојде есен, соодветно за есента. Слободата, демократијата, правдата, мора да ги вратиме во Македонија.
П4: Тоа значи дека ќе нема избори во април?
Апсолутно, избори во април ниту очекуваме некој да организира, ниту е можно без опозицијата да се организираат. Да напоменам уште еднаш. На Македонија и требаат избори, но тие избори мора да бидат фер, демократски, слободни и регуларни. Притоа, нормализацијата на институциите, враќањето на демократските институции… се веќе опфатени во второ-јунскиот договор.
Обврска на државата се препораките од Европската комисија, Извештајот на Прибе, Извештајот на Стејт Департментот за човековите права и слободи, извештаите коишто доаѓаат од ОН и други меѓународни институции, за нормални институции, демократски институции, корективи во општеството, со взаемно споделена одговорност за регуларни, слободни, фер и демократски избори, тоа е возможна излезна варијанта. Сé помалку од тоа, апсолутно не е дозволиво, не заради тоа што Заев и опозицијата сакаат. Таа е целта, да имаме нормална земја во којашто граѓаните преку слободно изразена волја ќе ја определат иднината на својата земја.
П5: Г-дине Заев, во контекст на претходното. Дали на роднините кои се инволвирани во случајот Смилковско езеро им дадовте одредени докази коишто ви ги бараа? И второто прашање, премиерот Груевски денеска ги замоли медиумите да не му поставуваат прашања, да не му наштети на процесот на преговарање, очигледно, тој уште се надева дека процесот на преговарање не е завршен и во контекст на ова, што велат на вашава одлука, или сеуште не сте им ја соопштиле, на меѓународните медијатори?
Знаете дека требаше да се постигне договор на 10-ти јуни. Не се постигна договор. На 19-ти направивме нов состанок заедно со амбасадорите и претседателите на четирите најголеми парламентарни партии за да договориме дека на 29-ти ќе биде последен ден. Аргументациите, во функција на успешен преговарачки процес со договор, апсолутно држеа да дадеме дополнително ден, два, три, така и соопштувавме. Од 29-ти поминаа многу денови. Денеска е 8-ми јули. Во време на постојаното одолговлекување, опозицијата ја гледате, го почитува целосно договорот, нема докази и аргументи, дури и внимаваме со изјавите, наспроти целосно црната кампања што ја води власта преку провладините перјаници. Сите други можни институции отворија процеси против Заев и против многу други опозиционери, ние останавме на преговарачкиот процес. Зошто? Најважна е иднината на Македонија и интересот на граѓаните. Но, самото одолговлекување на целиот овој процес е повеќе недозволиво. Нема нешто што ќе се случи во петок, па во сабота, за да ги одржиме ние лидерските средби. Не постои нешто. Сите можни опции апсолутно се истрошени на маса и лимитот и црвените линии, `се. Не велам ние да гарантираме, потребна е споделена одговорност и гаранција да има помеѓу власта и опозицијата за фер, слободни и регуларни избори. Само на тој начин ќе има полн легитимитет победникот на тие евентуални избори. Април беше дефиниран како оптимално решение. Прво, за да има доволен период сите овие промени да се случат во општеството, а истовремено да не биде предолг Груевски да се обиде да се рехабилитира од доказите и аргументите. Взаемно прифатлив термин беше тогаш, на тој 2-ри јуни. Сега гледате, денеска е 8-ми јули, апсолутно, не се возможни практични примери за дефинирање на датум, крај на април за предвремени избори. Во делот на тоа што ме прашавте со меѓународната заедница, јас морам да кажам дека луѓето дадоа натчовечки напори. Но, исто така им благодарам од мое име, на опозицијата, на граѓаните, во чие име преговарам. Навистина, сите можни опции, трпение, разбирање го имаа, и за нас, претпоставувам и за Груевски, доаѓајќи кај нас, разговарајќи, одејќи таму, и тоа секако, е за почит. Тоа се големи пријатели на Македонија. За целиот овој процес, тие се информирани како се одвиваат работите. Последно беше, ај во понеделник да има лидерска средба. Па, ај ако не понеделник, ај во вторник.
Вчера отиде изјавата, премиерот кога ќе сфател дека има потреба за лидерска средба… Лидерска средба е потребна заради преговорите, со прецизирање на конкретните докази за изнаоѓање на решение. Но, не сакате да има лидерска средба?!
Нема објаснување од овде. Во делот на прашањето за родителите на убиените деца кај Смилковско езеро, и тие беа кај мене, како и братот на повозрасниот човек кој е убиен, рибарот. Направив средба со нив, како што имав среба и со родителите на осудените лица. Секојпат, во функција на вистината и транспарентноста, таа порака јас ја испратив до еден од родителите, секако, запазувајќи го законот и давајќи можност да ги разберам како родители, во ваква состојба, да добијат информации повеќе. Тоа што е за споделување и законски дозволиво е споделено. Ние остануваме и понатаму на располагање, секогаш тоа да го направиме. Во одреден момент, кога ќе заклучиме дека тоа е токму моментот за таа работа, и вистината поврзана со процесот Монструм ќе биде споделена. Тоа е наше ветување, тоа ќе го направиме.
П6: Г-дине Заев, преговорите значи ги прекинувате, но конкретно од кои причини? Дали единствената причина е тоа што премиерот не сакал, го одбивал вашето барање да поднесе оставка и да се повлече? И второто прашање, дали мислите дека сега има поголеми шанси да Ве уапсат, затоа тоа што рековте дека нема да го почитувате правосудството?
Ова со апсењето, апсолутно гледате дека не ми е важно. Јас напротив, вреувам дека судот треба да го спроведе законот и со тоа да покаже дека е независен и го спроведува законот, или уште еднаш да го потврди врвот на апсурдноста. И да бидам до крај јасен и конкретен. Јас верувам дека може и тоа е излез од кризата. Апсолутно, не смее да биде важен ни Заев, ни кој било поединец, за овие универзални вредности за граѓаните и Република Македонија за коишто се бориме, апсолутно, тоа е апстрахирана перцепција. За да се одолговлекуваат толку преговорите, значи да дадеме шанса повторно на 29-ти да има лидерска средба, па за ден, два, три да ја одложиме, па уште неколку дена, продуктивно сме разговарале, со конечна цел, да се постигне договор. Но, на човека можете со сила да му земете. Со сила не можете да му дадете. Ако зборуваме за иднината на Македонија, тогаш отстапки мора да бидат направени од двете страни. Но, ако притоа, тоа е спротивно на интересите на граѓаните и Република Македонија, тогаш и нема конечна цел зошто преговарате. Ние не дојдовме до тоа дека се урнисани преговорите. Одложувањето само по себе ни покажува што тоа Груевски сака да постигне со одложувањето. Де факто, секојдневното одложување го урнисува јунскиот договор. Де факто, си ја води својата црна кампања. Де факто, го прави притисокот врз институциите. И покрај сé, седевме овде на преговори. Дадовме шанса заради интересот на граѓаните и Република Македонија. И само ќе повторам, на човека можете со сила да му земете нешто, да му дадете, не бива.
П7: Господине Заев дали улогата на меѓународниот фактор тука завршува, како ја гледате понатамошната соработка?
Јас реков дека навистина се пријатели на Македонија и од тука ќе продолжам. Ако има конкретен предлог од нашите пријатели од меѓународната заедница, без разлика од каде, а притоа тој предлог ги опфаќа овие гаранции, многу разбирливо е тоа, да ги врати демократските институции во препораките, chapter 23 тоа е предвидено, да ги нормализира условите во општеството во коешто живееме, да ги врати корективите. Што значи тоа? Независниот медиумски простор, судството, обвинителството, тоа се главните корективи, Антикорупциска, Завод за ревизија, да ги врати и заедно како продукт да споделиме и одговорност и гаранција за слободни, фер и регуларни избори. Појасно здравје. Тоа не може да е интерес на опозицијата, тоа е интерес на Република Македонија. Ако дадат ваков конкретен предлог, без разлика дали ќе дојде од госпоѓа Нуланд или ќе дојде од некој од меѓународната заедница, од Европската унија, а ги опфаќа овие претпоставки вредно е да седнеме и да го дефинираме. Ако е надвор од тоа ниту имаме право, ниту сакаме, ниту можеме да си дозволиме надвор од тие граници да разговараме и преговараме.
П8: Може ли да ни објасните малку што содржи вашиот предлог, односно предлогот за којшто дискутиравте. Имаше многу шпекулации меѓутоа точно ли е дека баравте 150 дена пред изборите да се повлече Груевски? Точно ли е дека се бараат функции во МРТВ, Јавно обвинителство, за кои министерства се преговара…
Одговор на вакво прашање, ова детализирање, може само да ги задоволи личните суети на поединци, коментатори во јавноста. Нашите барања беа гаранција и од опозицијата, покрај власта, за нормализација на институциите. Демократските институции да се вратат во нормала, корективите во општеството да се вратат, да бидеме и ние гарантори на фер, демократски, регуларни и слободни избори. Сите знаат дека повеќе на Груевски не можеме да му веруваме да спроведе избори. Така? Затоа велиме споделена одговорност помеѓу власта и опозицијата во гаранциите за регуларни избори. Тоа беа нашите барања и нашите позиции. Деталите сега воопшто и не се важни. Ако тие услови се исполнат, секако сите детали стануваат важни а најважна е нивната практична имплементација која ќе следува при евентуален договор. Но, денеска објавуваме дека преговорите не беа успешни.
П9: Што ќе се случи со Кампот на слободата? Ќе остане таму или не знам можеби ќе се вратите на улица со масовни протести секој ден или?
Одлуките ќе ги донесеме заедно. Вредно е со сите овие луѓе кои опстојуваат без малку два месеци таму, заедно со нив да ги донесеме одлуките, заедно со граѓанските организации, како едни од главните организации и заедно со сите нас партиципиентите и на масовниот мултиетнички протест на 17-ти мај, заедно ќе ги носиме одлуките. Можеби ќе бидете таму кога ќе ги носиме овие одлуки, на еден транспарентен демократски начин, како ќе ги донесеме одлуките така и ќе се движиме.
Ако се одлучиме да го повлечеме кампот веднаш ќе дефинираме други интензивни активности, соодветни за постигање на конечната цел. Може ќе одлучиме да опстои кампот да развиваме и други активности, секако тоа би требало заедно да го донесеме како одлука а не само Заев и раководството на СДСМ.
П10: Господине Заев кажавте дека ако има предлог од меѓународната заедница , конкретен предлог дека ќе продолжите со преговорите, што ако тој предлог дојде од Груевски?
Не е способен човекот да даде демократски предлог. Да беше тој подготвен ќе го направеше тоа веќе. Сведок е и Заев, сведок е и Груевски, сведоци се и нашите тимови, сведоци се и неговите тимови, сведок е и меѓународната заедница. Знаете како, преговараме во време кога веќе не се спротивставени ставови на опозицијата наспроти власта. Толку се јасни, толку чисти извештаите и на Европската унија, Извештајот на Прибе, на Стејт департментот, на Обединетите нации, се е јасно како бел ден. Прашање е која опција Груевски ќе ја избере за неговото заминување. Јас верувам дека денеска тој ја пропишти едната од опциите за на ваков начин да замине од власта.
П11: Господине Заев како ги коментирате резултатите од последната анкета на ИРИ којашто покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има двојно повеќе во однос на СДСМ?
Во хибриден режим, којшто опстојува нашето општество, автократско владеење од страна на Груевски, какво што го дебатираме, разговараме, и ние и сите меѓународни институции, ниту една анкета не е релевантна. Никој не може да верува во такви анкети. Во такви анкети не верува ниту Груевски. Тој да веруваше во ваквите анкети ќе постигнеше договор и ќе одеше на избори каде што граѓаните на таа вистинска анкета, на тајно гласање, со слободно изразена волја ќе одлучат дали на ваков режим, автократски поставен, ќе му дадат уште 4 години владеење. Тој се плаши од тој момент за него и анкетите не му се од верување. Тој не им верува на таквите анкети а гледаме дека не е ни подготвен да дојде да се договори со опозицијата за фер, регуларни и демократски избори.
П12: Господине Заев, вие од една страна велите дека вашите барања се токму тие од поглавјето 23. Денеска еврокомесарот Хан излезе со интервју во Радио слободна Европа каде што практично ги искара сите политички лидери, рече дека сте губеле време до сега, од друга страна бара компромис. Кој е компромисот тука, дали може коментар?
Европската унија дава препораки кон Македонија сиве овие 9 години на владеење на Груевски а последните 5 или 6 години конкретните препораки заради започнување на преговори. Спроведено е нешто од тие препораки? Секоја година Извештајот е се полош и полош. Затоа велиме сите важни политички партии да бидат гаранти за спроведувањето на тие препораки. Тоа е опфатено во точка 6 во една од потточките, коешто е исто така во договорот утврдено. Кога одиме на преговори апсолутно е јасно дека мора да има отстапки од двете страни но никогаш смислата на постигнатиот договор не смее да се изгуби од предвид.
Демократичноста на политичките партии, нивниот капацитет и зрелост да бидат подготвени да ја водат Македонија се гледа во нивната подготвеност за преговори, но, истовремено не смеат да ја изгубат смислата за нивното постоење или мисијата за којашто во моментот дејствуваат. Така да секако исчекор имаше и од нас и од нив, и од сите, но апсолутно тој исчекор најверојатно не е доволен за да може да опстојат сите овие гаранции за коишто зборував претходно а преку тоа да се постигне договор помеѓу власта и опозицијата.