Како и другите церемонии и традиции што го придружуваат доаѓањето на нов папа, неговото ново име носи векови католичка историја и често се анализира детално поради неговото повеќеслојно значење.
Промената на името е една од првите одлуки што ги донесува новиот папа како поглавар на Римокатоличката црква и честопати има силна симболика во обликувањето на тонот на неговиот понтификат.
Оваа практика датира од раниот среден век. Иако не постои доктринарна обврска папата да земе ново име, тоа стана вообичаен дел од изборниот процес.
Па, како настанала оваа традиција, што значат различните папски имиња, кое име би можел да го избере новиот папа и како ќе биде објавено?
Свети Петар, првиот папа и еден од дванаесетте апостоли, добил ново име од Исус – Петар, наместо неговото родено име Симон, но ова се случило пред тој да стане поглавар на црквата.
Поминале уште 500 години пред папата Јован II, кој бил папа од 533 до 535 година, да ја започне оваа традиција со отфрлање на своето родено име Меркуриј, кое потсетувало на паганскиот бог Меркуриј. Следниот што го променил своето име бил Петар Канепанова во 10 век, кој станал Јован XIV, сакајќи да го избегне името Петар II, наведува историчарот Лиам Темпл, професор во Центарот за католички студии на Универзитетот Дарам.
По 10 век, земањето ново име станало вообичаена практика. Папите од земји како Франција и Германија честопати избирале италијански имиња за да се вклопат во традициите на нивните претходници.
Оттогаш, тоа стана обичај, и само неколку папи го задржаа своето крштелно име – меѓу нив Маркелус II и Адријан VI, двајцата од 16 век.
Секое име носи своја историја и асоцијации, честопати поврзани со претходни папи или светци кои го носеле тоа име – или поради нивните успеси или поради предизвиците што ги надминале.
„Поврзаноста со папи кои успешно се соочиле со кризи, спровеле реформи или биле особено популарни честопати игра улога во изборот на името“, вели Темпл.
На пример, папата Франциск го избрал тоа име во чест на Свети Франциск Асишки, познат по својата љубов кон мирот, природата, сиромашните и меѓусебната соработка во црквата. Овие вредности станаа насоки на неговиот понтификат.
Неговиот претходник, папата Бенедикт XVI, го избрал името како знак на мир и помирување, во чест на Свети Бенедикт и папата Бенедикт XV, кој бил папа за време на Првата светска војна.
Едно име што новиот папа сигурно нема да го избере е Петар – од почит кон апостолот Петар, првиот папа – но и поради старата пророчка легенда дека папата Петар II ќе биде последниот папа во историјата.
Постојат и други имиња кои не се формално забранети, но веројатно нема да бидат избрани поради негативни асоцијации. На пример, името Урбан ретко се избира бидејќи потсетува на Урбан VIII, кој го иницирал судењето на Галилео, што е неконзистентно со пристапот на Црквата кон науката денес, вели Темпл.
Слично на тоа, името Пиј може да предизвика контроверзии поради Пиј XII, чија улога за време на Втората светска војна е предмет на растечки критики.
Доколку новиот папа сака да продолжи по патот на реформите, Темпл сугерира дека имиња како Лав XIII, познат по неговото застапување на социјалната правда и правата на работниците, или Иносент, во чест на борбата против корупцијата, би можеле да бидат добри избори.
Доколку новиот папа биде избран од Глобалниот Југ, како што беше случајот со папата Франциск, тој може да го земе името на некој од поранешните папи кој не е италијански, како што се Геласиј, Милтијад или Виктор – сите од африканско потекло.
До денес, 44 имиња се користени само еднаш низ историјата – вклучувајќи го и Франциск.
Откако ќе се издигне бел чад од оџакот на Систинската капела и ќе заѕвонат камбаните на базиликата „Свети Петар“, името на новиот папа ќе му биде објавено на светот на латински.
Вишиот кардинал ѓакон ќе излезе на централниот балкон на базиликата, во придружба на двајца свештеници, и ќе ја изговори познатата реченица: „Habemus Papam“ („Имаме папа“).
Во таа објава, новото папско име, како и името и средното име од крштевката, ќе се изговараат на латински, додека презимето ќе остане на оригиналниот јазик.
На пример, кога папата Франциск беше избран во 2013 година, неговото име „Хорхе Марио“ беше преведено како „Џорџо Мариум“, додека презимето „Бергољо“ остана непроменето. Неговото папско име – „Францискум“ – беше објавено како последен збор во прокламацијатта, како што е вообичаено.