Зошто Русите ѝ се закануваат на Литванија или како земја помала од Москва му пркоси на Кремљ?

од Nikola Popovski
262 прегледи

Со одлуката да се забрани транзитот на стоки санкционирани од ЕУ преку нејзина територија, која ја вклучува единствената железничка рута помеѓу копното на Русија и Калининградската ексклава на Балтичкото Море, Литванија сериозно ја налути Русија. Во Москва се толку лути што се поотворено му се закануваат на Вилнус, поради што расте стравот дека постоечкиот конфликт би можел да се прошири, а тоа би значело војна меѓу НАТО и Русија.

Калининград, кој се наоѓа меѓу Литванија на север и исток и Полска на југ и не е територијално поврзан со Русија, целосно се потпира на залихите што до него стигнуваат преку железница од Русија.

На списокот на забранети стоки, меѓу другото, се вклучени јаглен, метали, градежни материјали и напредна технологија. Но, во страв од забрана на други стоки, во оваа енклава е забележана паника, пишува британски „Гардијан“.

Во обид да ја смири ситуацијата, регионалниот гувернер Антон Алиханов во саботата изјави дека два брода веќе превезуваат стока меѓу Калининград и Санкт Петербург и дека уште седум ќе бидат оперативни до крајот на годината.

Москва е бесна

Москва врие од бес поради ваквата одлука на Литванија. Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, потегот на Вилнус го нарече „незаконски“.

„Оваа одлука е навистина без преседан. Тоа е кршење на сè. Ние веруваме дека ова е незаконско. Ситуацијата е повеќе од сериозна… Ни треба длабинска анализа за да го разработиме нашиот одговор“, рече тој.

Поостар беше Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација, кој беше домаќин на состанокот во Калининград.

„Русија секако ќе одговори на таквите непријателски дејствија. Се работи на дефинирање соодветни мерки на ниво на ресор и ќе бидат спроведени во блиска иднина. Последиците ќе имаат сериозно негативно влијание врз литванското население“, рече тој.

Руското Министерство за надворешни работи објави дека Вилнус мора да го повлече „отворено непријателскиот“ потег.

„Доколку транзитот на товар меѓу Калининградската област и остатокот од Руската Федерација преку Литванија не биде целосно обновен во блиска иднина, Русија го задржува правото да преземе мерки за заштита на своите национални интереси“, се вели во соопштението.

Министерството го покани главниот дипломатски претставник на Литванија на формален протест во Москва и изјави дека балтичката земја ги прекршува меѓународните договори.

ЕУ: Загрижени сме поради руската одмазда

Коментарите на Русија предизвикаа тревога во Брисел, каде што високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека Литванија едноставно го спроведува режимот на санкции на блокот. Тој додаде дека е загрижен поради ризикот од одмазда и дека ќе провери дали се почитуваат сите правила, обвинувајќи го Кремљ дека се занимава со пропаганда.

„Секогаш сум загрижен поради руската одмазда“, рече тој.

„Нема блокада. Копнениот транзит меѓу Калининград и другите делови на Русија не е забранет. Второ, транзитот на луѓе и стоки што не се санкционирани продолжува. Трето, Литванија не презеде никакви еднострани национални ограничувања. Ова не е спроведување по нивна волја. „Што и да направат е последица на претходните консултации со Европската комисија, која даде насоки“, заклучи тој.

По состанокот во Брисел, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека Москва шири лажни информации и дека државната железничка служба постапува легално со само спроведување на режимот на санкции на ЕУ со кој се забранува испорака на стоки од челик или железна руда во Русија.

Ландсбергис истакна дека помалку од половина од стоките што вообичаено се испорачуваат во транзит низ Литванија ќе бидат опфатени со режимот на санкции.

„Мислам дека имаше некои лажни информации, не првпат, објавени од руските власти, но мило ми е што имам можност да ги објаснам“, рече тој.

И министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба на Твитер напиша дека „виновна е Москва“.

„Русија нема право да ѝ се заканува на Литванија. Москва е виновна за последиците од нејзината неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина. Го поздравуваме принципиелниот став на Литванија и стоиме цврсто со нашите литвански пријатели“, додаде тој.

Фото: Калининград 24

Слични содржини