Се чини дека една од најзатворените земји во светот, Северна Кореја, е на колена поради пандемијата на коронавирус. Тоа го откриле руски дипломати кои се вратиле од главниот град Пјонгјанг, велејќи дека условите за живот во земјата се моментално неподносливи.
Во изјавата пренесена од Гардијан, вработените во руската амбасада колективно ја напуштија Северна Кореја. Патувањето траело 30 часа од главниот град до границата и има мислења дека уште повеќе странски дипломати ќе одлучат да ја напуштат земјата, бидејќи има голем недостиг од лекови.
– Можно е да се разберат оние што го напуштаат главниот град. Многу е тешко да се поднесат вкупните ограничувања што преовладуваат, големиот дефицит на основни добра, вклучувајќи лекови и општата неможност да се решат какви било здравствени проблеми, велат членови на амбасадата, додавајќи дека многу малку странски дипломати остануваат во градот.
Од вкупно 290 странски дипломати од целиот свет, последните извештаи покажуваат дека само тројца останале во земјата. Обединетите нации, пак, соопштија дека сите нејзини вработени ја напуштиле Северна Кореја заклучно со минатата недела.
Иако многу малку информации се достапни на јавноста, севернокорејската експертка за ситуацијата, Лина Јун, истакнала дека минатата година во земјата имало сериозен недостиг на храна, сапун, паста за заби и батерии, што може да биде резултат на целосно затворање на земјата од февруари во 2020 година, како и пад на трговијата со Кина за 80 проценти. Песочните бури кои доаѓаат од Кина можат дополнително да ја влошат состојбата во Северна Кореја, како и неколкуте поплави што веќе почнале да му создаваат проблеми на земјоделството.
Шест граничари на Северна Кореја минатата недела избегаа во Кина, а откако пристигнаа таму, им рекле на властите дека се „истоштени и гладни“. Иако бегството од таа земја е релативно честа работа, многу е невообичаено што толку голема група луѓе ја минале границата одеднаш.