Советот на Јавните обвинители ќе бара отчет од специјалната обвинителка Катица Јанева поради тоа што СЈО при примопредавањето на аудио-материјалите не направиле записник.
Од СЈО за локално.мк велат дека тие ја испочитувале законската и подзаконската обврска за евидентирање на примените материјали од страна на СДСМ, и дека никаде не пишува дека било потребно да се направи записник.
“Материјалите од СДСМ беа побарани согласно член 287 од ЗКП. Согласно овој член не се составува записник за материјалите кои се доставуваат на барање на јавниот обвинител, туку приемот на материјалите само службено се евидентира. Ваквиот прием секако дека е евидентиран од наша страна и Ве уверуваме дека целокупното постапување на ова јавно обвинителство при приемот на материјалите е согласно законските прописи.
Во оваа насока, само би појасниле дека не постои законска одредба која го врзува нашето постапување во овој конкретен случај со изготвување на записник за прием на материјалите”- посочија од СЈО.
За да се разјасни дилемата околу тоа дали СЈО било должно да направи записник при примопредавањето на материјалите ја консултиравме Уредбата за канцелариско и архивско работење на Владата што е задолжителна за сите државни органи, а во овој случај и за СЈО.
Во членот 1 од неа се вели:
Со оваа уредба се уредува канцелариското и архивското работење на државните
органи и институции, јавните установи и служби, јавните претпријатија, трговските
друштва основани од државата или во кои доминантен капитал има државата, единиците
на локалната самоуправа и градот Скопје, правните и физичките лица на кои со закон им
се доверени јавни овластувања, приватните правни лица и физичките лица кои самостојно
вршат дејност (во натамошниот текст: иматели).
Потоа во членот 4 се вели:
(1) Канцелариското работење се врши преку писарница.
(2) Во писарницата се врши: прием, прегледување на документот/записот, заведување и
здружување на документи/записи, доставување во работа , испраќање на
документот/записот, разведување на документот/записот и негово архивирање од
писарницата во архива.
Ја прочитавме целата уредба и во неа не најдовме никаква обврска на било кој државен орган да составува записник за примопредавање, туку тие се должни тоа да го заведат во архивската книга.
Од она што може да се заклучи од членовите 1 и 4 од Уредбата, ако СЈО сите примени материјали уредно ги завеле во архивската книга, нема никаква законска причина за Јанева да подлежи на санкции од Советот на јавните обвинители.
ФЃ
