Јавниот обвинител на Република Македонија г. Марко Зврлевски денеска беше домаќин на Лаура Кодрута Ковеси – главна обвинителка во Националниот директорат за антикорупција во Република Романија.

Целта на посетата беше запознавање на обвинителите и размена на искуства.
На средбата стана збор за организациска поставеност на обвинителствата при што беа утврдени сличности во истата. Имено, местоположбата што ја има Националниот директорат за антикорупција во системот на Република Романија соодветствува со организациската поставеност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во нашата земја.
На посетата романската обвинителка беше придружувана од директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски.
Зврлевски утре заедно со специјалната обвинителка Катица Јанева е најавен како еден од панелистите на конференцијата на тема „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем?“, дел од програмата за антикорупција на американската владина агенција за странска помош УСАИД што ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а ќе се одржи во хотелот Холидеј ин од 10 часот.
Ковеси, која минатиот месец доби уште еден тригодишен мандат на чело на ДНА, ќе говори и за успешните примери за процесирање истраги за корупција на високо ниво во Романија. Во нејзиниот прв тригодишен мандат таа покрена истраги против илјадници високи функционери, од кои еден експремиер, Адијан Настасе заврши в затвор. Таа лани покрена истрага и против премиерот Виктор Понта додека тој сѐ уште беше на функција и даде налог за замрзнување на неговиот имот, по што беше покренато обвинение.
