Ѓукановиќ: Да беше жив Ѓинѓиќ, Србија веќе ќе беше членка на ЕУ

од Nikola Popovski
196 прегледи

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ изјави дека Србија и регионот денес би изгледале поинаку доколку би бил жив Зоран Ѓинѓиќ, премиерот на Србија врз кого беше извршен атентат во 2003 година.

„Зоран ќе ја постигнеше својата политичка и животна цел, Србија веќе ќе беше членка на Европската унија“, напиша Ѓукановиќ на Твитер по повод дваесет години од убиството на Ѓинѓиќ.

„Со неговото убиство долго време беше убиена европската иднина на Србија и на Западен Балкан“, додаде Ѓукановиќ.

Тој истакна дека Ѓинѓиќ му бил драг пријател и другар.

„Како и во претходните децении, и денес моите мисли се со неговото семејство. И со Србија која тагува. Слава му Зоран Ѓинѓиќ“, потенцирал Ѓукановиќ.

На 12 март 2003 година, Ѓинѓиќ беше убиен од снајпер во дворот на владината зграда, сред бел ден. Тој подоцна им подлегна на повредите во болница. Ранет беше и неговиот телохранител. Истата година дури четири обиди за негов атентат пропаднаа, а последниот само неколку недели порано.

Судот во Србија најде вина за оние што го повлекоа чкрапалото и кај оние кои ги пречекале и со возило ги одвеле напаѓачите. Меѓу нив се Милорад Улемек Легија, Звездан Јовановиќ и остатокот од групата кои се во затворот Забела. Атентатот го извршиле припадници на злогласната елитна полициска специјална единица ЈСО, т.н. Црвени беретки и една од двете најсилни криминални групи во Белград, Земунскиот клан. Легија се смета за мозок на операцијата за ликвидација, а Јовановиќ за снајперистот кој со два куршума го усмртил Ѓинѓиќ.

Слични содржини