🎥 Од Инстаграм реклама до обиколка на светот: Алфи Вотс со 77 посетени земји и многу приказни

од Љубиша Владимиров
27 прегледи

Откако минатата година победи на популарната емисија на Би-Би-Си „Трката околу светот“ со својот најдобар пријател Овен Вуд, Алфи Вотс си постави нова животна мисија – да ги посети сите земји во светот. Досега, успеал да стигне до 77 држави, а во интервју за „Дејли Меил“ ги сподели своите најсилни впечатоци од досегашните патувања.

Сè започнало од реклама на Инстаграм

Алфи и Овен се пријавиле за емисијата додека биле во Бразил. „Формуларот за апликација се појави како реклама на Инстаграм додека бев на тоалет. Вистина е“, вели Алфи. Наскоро се нашле во авантура заедно со уште пет други парови, патувајќи 50 дена по копно и море, од Јапонија до Индонезија. Победата им донесе 20.000 фунти, но уште поважно, го разбуди патничкиот дух кај Алфи.

Омилени дестинации – Јордан и Малезија

Алфи вели дека има посебни сеќавања од Јордан и Малезија.

„Ја однесов баба ми во Петра затоа што цел живот сакаше да ја види. Тоа беше едно од најубавите искуства во мојот живот. И луѓето таму се неверојатно гостопримливи“, раскажува Алфи.

За Малезија, пак, има едноставен опис: „Евтин рај.“

Но, местото што го нарекува најомилено е – Ангеловите водопади во Венецуела.

„Највисокиот водопад во светот, сосема изолиран, и вистински предизвик за да стигнеш до него – но вреди.“

Разочарување од Камбоџа и Сиднеј

На прашањето која му е најмалку омилената земја, Алфи искрено вели, Камбоџа.

„Не ми се допадна. Луѓето беа прилично непријателски настроени кон мене. А кога ќе ја споредите со соседите – Тајланд и Малезија – тешко е да се разбере зошто толку заостанува. Но, знам дека многумина ја сакаат Камбоџа, па можеби сум субјективен“, признава тој.

Исто така, бил разочаран и од Сиднеј, Австралија.

„Сè изгледа како да се трудат премногу да бидат модерни. Прескапо е, а целата ‘хипстерска’ атмосфера ми беше пренападна. Можеби не сум ја видел Австралија во вистинското светло, бидејќи Сиднеј е единственото место каде што сум бил“, додава тој.

Најголемото изненадување – Руанда

Алфи вели дека најголемото позитивно изненадување му било Кигали, главниот град на Руанда.

„Како да си во Лондон! Сè е чисто, уредено, со организиран јавен превоз и модерни трговски центри. Апсолутно неочекувано за многумина кога ќе помислат на Африка“, вели тој.

Најпотценета дестинација – северна Норвешка

Кога зборува за местото што според него е недоволно вреднувано, Алфи без двоумење ја споменува северна Норвешка.

„Луѓето го избегнуваат тој дел поради долгиот ден или ноќ во зависност од сезоната. Но, таму е како од друг свет. Природата е неверојатна и буквално ви го одзема здивот.“

Алфи Вотс сè уште е далеку од целта да ги посети сите земји во светот, но неговата енергија, љубопитност и страст за патување го водат напред. А неговите искуства се потсетник дека светот е полн со изненадувања – и добри, и лоши – но секогаш вреди да се истражува.

Слични содржини