Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ Ембраер 190, кој леташе од Баку за Грозни, Русија, се урна во казахстанскиот град Актау со 69 патници и членови на екипажот. Казахстанското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека местото на несреќата е на околу 3 километри од аеродромот Актау.
Авиокомпанијата објави дека прелиминарната причина за падот на авионот е судир со јато птици.
Во авионот имало 42 државјани на Азербејџан, 16 државјани на Русија, шест државјани на Казахстан и тројца државјани на Киргистан, изјавија за РИА Новости.
На социјалните мрежи се појави видео од авионот непосредно пред падот на леталото. Според руските медиуми, еден од патниците направил видео и фотографии и и ги испратил на сопругата откако сфатил дека авионот ќе се урне.
На видеото се слуша како луѓето се молат, а се гледаат и маски за кислород како паѓаат кога има итен случај во авионот.