🎥 Украина нападна руска нафтена постројка, Москва тврди дека Киев ја саботира мировната иницијатива

од Марта Пешевска
164 прегледи

Украинските вооружени сили извршија напад врз постројка за транспорт на нафта во рускиот регион Краснодар, која е клучна за функционирањето на меѓународен нафтовод делумно во сопственост на американски инвеститори, соопшти руското Министерство за одбрана.

Според официјалните информации од Москва, нападот бил извршен со три беспилотни летала-камикази, кои ја таргетирале станицата во близина на селото Кавказскаја. Објектот служи за пренос на сурова нафта од железнички цистерни до нафтоводот управуван од Каспискиот гасоводен конзорциум (CPC), во кој како партнери се вклучени и американските енергетски гиганти „Шеврон“ и „Ексон Мобил“.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нападот предизвикал сериозни оштетувања на резервоар за нафта, по што избувнал пожар кој сè уште не бил изгаснат.

– Јасно е дека ова беше намерна провокација на режимот во Киев со цел да се саботира мировната иницијатива на американскиот претседател – се наведува во соопштението на руската војска.

Овој инцидент доаѓа само ден по долгочасовниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата лидери разговарале повеќе од два часа, при што, според официјалните извори, бил постигнат напредок кон привремен прекин на огнот во украинскиот конфликт.

Во договорот меѓу Москва и Вашингтон, Русија се обврза да ги запре нападите врз украинската инфраструктура на 30 дена, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно ја поддржа идејата за делумен прекин на огнот.

Од друга страна, руските власти тврдат дека токму во моментот кога бил извршен нападот врз нафтената постројка, руските сили имале седум беспилотни летала-камикази во лет кон воени цели во украинскиот регион Миколаев. Според официјалното соопштение, веднаш по разговорот со Трамп, Путин наредил стопирање на овие операции, а руските противвоздушни сили и борбените авиони ги уништиле беспилотните летала.

Овој развој на настаните ја доведува во прашање стабилноста на договорениот прекин на огнот и отвора нови тензии меѓу завојуваните страни, особено во однос на геополитичките интереси околу нафтените ресурси.

Слични содржини