📷 Дали грантовите од ЕБОР и другите клучни инвеститори за развој на Северна Македонија ќе се делат од Вила Водно за парите да завршат во фамилијрен џеб?

од Илинка Илиоска
1,8K прегледи

Откако Гордана Сиљановска Давкова ја презеде функцијата претседателка на Република Северна Македонија, секојдневно ја информира јавноста за своите средби и активности. Во своето прво интервју откри дека поради бројните обврски не успеала да се пресели во Вила Водно и не ја почувствувала убавината на природата околу неа. Многу амбасадори и ВИП лица ја посетиле во нејзиниот кабинет. Сепак, според истражувањето на Локално, нејзиното владеење, и покрај навидум транспарентниот почеток, отвора многу прашања.

Но, да почнеме од првите важни состаноци. Таа, на 12 јуни мораше да отпатува во Берлин заедно со нејзиниот советник за надворешна политика Жидас Даскаловски. Инаку, тој е професор на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Даскаловски е жесток критичар на Преспанскиот договор и беше многу гласен кога се потпишуваше. Тој беше и говорник на протестите против овој договор.

Сиљановска Давкова и Даскаловски на маргините на Конференцијата за обнова на Украина остварија средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој – Одил Рено-Басо.

Таму разговарале за исклучителната важност на реализацијатa на проектите на ЕБОР во земјава. Како што е наведено во соопштението на кабинетот, двете соговорнички ја потенцираа заложбата во промовирањето на родовата еднаквост.

Минатиот месец, повторно, за само неколку дена, во Скопје се случија неколку слични важни средби.

Имено, претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 23 јули, сега во својство на домаќинка, во својот кабинет ја прими претседателката на ЕБОР.

На оваа средба разговарале за севкупната соработка со ЕБОР, која е главен институционален инвеститор во нашата држава, со инвестирани 2,9 милијарди евра во 190 проекти.

Претседателката Сиљановска Давкова повторно изрази благодарност за реализацијата на бројни инвестициски проекти, за кои, како што истакна „значително придонесуваат за нашата економска инфраструктура и одржливиот развој“.

За време на нејзината посета на Северна Македонија, претседателката на ЕБОР се сретна со владини претставници, претставници од бизнис секторот, но и со претставници од граѓанскиот сектор, односно со претставници на невладини организации.

Кои граѓански организации биле присутни на состанокот за кој немаше јавно соопштение по средбата и кој го направи списокот на учесниците останува отворено прашање?

Имено, истиот ден многу слично како што објавија од кабинетот на Сиљановска Давкова, на Фејсбук, на англиски јазик, објави и невладината организација Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП (CRPM) Скопје. Организација во која извршна директорка е Марија Ристеска, сопруга на Жидас Даскаловски советникот на Сиљановска Давкова, кој пак воедно се покажува и како претседател на истото здружение, член на управниот одбор, член на собранието на истото здружение со право на глас и носење на одлуки.

„CRPM вчера учествуваше на значајна консултативна средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и нивниот тим“, се вели во постот на Фејсбук.

Но, зошто сето ова би било загрижувачко? Навидум, средбиве на претседателката изгледаат како сериозно да се работи за зајакнување на општеството, со акцент на енергетиката инфраструктурата и родовата еднаквост. Но, што друго стои зад тоа?

Повторно прашањето, кој го скроил списокот на невладините организации да остварат средба со Одил Рено-Басо останува отворено?

Дали заменикот генерален секретар на претседателката Горан Момироски и поранешен водител на емисијата „Заспиј ако можеш“ на АЛФА ТВ, чиј редовен гостин порано, но и почесто за време на претседателските избори беше Проф. Жидас Даскаловски, а сега советник на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вмешале прсти во изборот на невладините што треба да се сретнат и да се претстават пред претседателката на ЕБОР?

Дали претседателката ја промовира родовата еднаквост во својот кабинет, онака како што велеше во кампањата или работи за други интереси?

Впрочем, Сиљановска Давкова кога ја даваше заклетвата на инаугуративната седница во Собранието за стапување на функцијата претседател на Северна Македонија, без да го изговори името на државата, во мандатниот период 2024 – 2029 истакна дека жените се оние заради кои се нафатила да се кандидира за оваа должност и сака да ги инспирира дека е можно во земјава и жена да стане претседател.

И покрај тоа што досега во кабинетот на нашата претседателка нема назначено ниту една жена на клучна позиција, барем според редовните соопштенија, таа не спомна поинаку. Линкот што треба да води кон тие податоци на претседателската веб-страница е неактивен. Иако Сиљановска Давкова повеќе пати за време на кампањата изјавуваше дека ќе биде опкружена со жени во нејзиниот кабинет во Вила Водно, тоа не се случи.

Во моментов во кабинетот во Вила Водно владеат генералниот секретар Ѓорги Божинов, а негов заменик е новинарот Горан Момироски.

Златко Јанковски во нејзиниот кабинет е експертот за европски интеграции. Надворешен советник на претседателката Сиљановска Давкова, како што освен во соопштението испратено до медиумите и во нејзиното прво телевизиско интервју на Канал 5 е професорот Жидас Даскаловски.

Што се случува со податоците за имот и интереси имот на претседателката и мажите во нејзиниот кабинет?

Претседателката според анкетниот лист не заработила недвижнини, иако нејзината кариера е многу богата. Сè што поседува е на име на нејзиниот сопруг, а еден имот е на децата. Но, во  анкетниот лист не ги пријавила банкарските сметки на сопругот.

Според податоците на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата- ДКСК, Ѓорги Божинов го пријавил својот робустен имот што според неговата биографија на претседателската веб страна го заработил како правник со над 26-годишно работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.

Претходно, тој, својата кариера ја градел во областа на правото и работел на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За разлика од него, Горан Момироски, ако точно пријавил што поседува, недвижнините што ги пријавил ги проценил со вредност од по 6, 1 и 3 денари, а неговите возила според него вредат 300, 350 и 400 денари.

Златко Јанковски, поранешен портпарол на Секретаријатот за европски прашања во владата на Никола Груевски, е еден од основачите и овластено лице на институтот „Павел Шатев“, кој беше активен за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година и се ангажираше во спроведувањето на испитувања на јавното мислење кои ја фаворизираа тогашната владеачката партија, која и сега е на власт. Во неговата биографија се спомнува и ангажманот во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Јанковски нема пријавено што поседува.

И Жидас Даскаловски, исто како него, не пријавил што поседува.

Логично, се отвора прашањето, зошто претседателката не ги пријавила банкарските сметки на сопругот и зошто некои од советниците на претседателката не пријавиле што поседуваат или пријавиле со нереална пазарна вредност?

Дали причината за оваа нетранспарентност е тоа што Даскаловски на веб-страницата на организацијата Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП (CRPM) се појавува како претседател?

Дали тоа претставува најава дека Вила Водно се подготвува за финансиска офанзива на европски грантови, конфликт на интерес и можност за трговија со влијанија, бидејќи во CRPM, чиј претсавник имаше состанок со директорката на ЕБОР,  според документ потпишан на 2 мај 2024 во кој Локално има увид се и неговата сопруга, нејзин братучед, а и нејзините родители.

Списокот на членовите на невладината организација Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП (CRPM) се:

Д-р. Жидас Даскаловски

Д-р. Марија Ристеска

Д-р. Билјана Митевска

Божана Ристеска

Раде Ристески

М-р. Александар Цеков

М-р. Кристијан Трајковски

Жарко Цветковски.

Во истата организација долги години и до неодамна, претседателката Гордана Сиљановска Давкова била во стратешкиот советодавен одбор заедно со Проф. Биљана Ванковска, Проф. Методиј Хаџи-Јанев и Проф. Жидас Даскаловски.

Интересен е фактот што претседателката Сиљановска Давкова тоа не го пишува во нејзината официјална и опсежна биографија во која се наведени многу релевантни институции кои исто така се и клучни донатори за развојот на нашата земја, а меѓу нив се и ОБСЕ, УНДП, ООН и Европската унија.

Зошто тоа не е објавено во нејзината биографија?

А, како што може да се види на веб-страницата на CRPM била и ангажирана во многу од активностите. И ден денес биографијата како Проф. Гордана Сиљановска Давкова сè уште стои.

Сега во советничкиот борд на CRPM е и професорката Каролина Ристова Астеруд, а во одборот е и Ивица Боцевски. кој исто така, таму врши и функција како дипломатски советник.

Што друго заеднички поседуваат брачниот пар Ристеска-Даскаловски?

Дополнително, исто така според документ во кој има увид редакцијата на Локално, Даскаловски и неговата сопруга Марија Ристеска имаат и консултантска куќа со исто име како здружението. Односно, според податоците заведени во Централен регистар се вика: Друштво за консалтинг и услуги ЦИКП-КОНСАЛТИНГ ДОО Скопје.

Документите покажуваат уште еден интересен податок. И здружението и консултатнстката фирма се водат во Централен регистар на адресата – Цицо Поповиќ 6-2/9 во Скопје. Катастарските податоци во кои Локално има увид, покажуваат дека сопственик на станот е Божана Ристеска, мајката на Марија Ристеска.

Овој податок е дополнително алармантен затоа што донаторите од Европска Унија имаат строги правила како се користат нивните пари и не е дозволено, на пример, со пари од проекти кирија да си плаќа некој сам на себе или пак на свој најблизок роднина, во случајов мајка! Тоа според ЕУ претставува судир на интерес!

Но, тоа не е сè. Пред два месеци, на 12.6.2024-та, во Историјатот на промени во Централен регистар, ЦИКП забележале промена која не го содржи целото име на државата, но тоа знаејќи ја политиката на Сиљановска Давкова уставното име да го брише од секаде е најмалку загрижувачки. Оваа промена содржи други индиции за корупција и тргување со влијание кои се совпаѓаат со фондовите на ЕБОР, но и други клучни донатори во земјава.

Промената гласи: „Општа цел на Здружението е: Подобрување и унапредување на правната, економската, културната и други сфери релевантни за севкупниот општествен развој на Република Македонија, подобрување на мулти-димензионалната соработка помеѓу земјите од регионот и пошироко, унапредување на евро-атлантските интеграции. Посебни цели на Здружението се: Спроведување на истражувачки активности и анализи преку проекти од областа на правото, економијата, образованието, здравството, социјалната заштита, миграции, оддржлив развој, европски прашања, родова еднаквост и добро владеење; а чиј краен резултат ќе биде оформување на практични решенија и политики за подобрување и унапредување на општествениот развој и квалитетот на живот во Македонија и регионот. Спроведување на научни истражувања преку работната единица на ЦИКП Скопје Институт за јавни политики Спроведување на лиценцирани програми за квалификации и вештини преку ЦИКП Финансиската академија Спроведување на програма за неформално образование и високо-образовна дејност според член 22 на Закон за високо образование преку работната единица на ЦИКП Скопје Школо за јавни политики Мајка Тереза.“

Што значи Членот 22 од Законот за високо образование

Според Член 22 од Законот за високо образование: „Научен институт може да врши високообразовна дејност за студии од втор и трет циклус само во рамките на научната област за кој е основан во состав на универзитет како негова единица, после пет години од основањето, ако е успешно завршена евалуацијата на научноистражувачката работа, ако е акредитиран за вршење на овој вид студии и има решение за почеток со работа на начин и според услови утврдени со статутот на универзитетот. Научен институт кој не е во состав на универзитет може да врши високообразовна дејност за студии од втор и трет циклус во рамките на научната област за која е основан, ако ги исполнува условите за вршење на високообразовна дејност, ако е акредитиран за вршење на овој вид студии и ако има решение за почеток со работа. Научен институт во состав на универзитет како негова единица може да врши високообразовна дејност во втор и трет циклус на студии во соработка со единица која изведува студиски програми од исто или сродно научно поле“.

Оттука произлегува дека промената што ја регистрирала ЦИКП-CRPM каде се спомнува Школо за јавни политики „Мајка Тереза“ меѓу другите активности планира да основа научен институт.

Инаку, отворање нов државен универзитет „Мајка Тереза“, што ќе работи на три јазици и тоа на македонски, албански и англиски, во декември 2015-та најави тогашниот премиер, а сега азилант во Унгарија, Никола Груевски.

Законот за основање на државниот универзитет „Мајка Тереза“ влезе во собраниска процедура истата година и се донесе по брза постапка.

А, во 2021 Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија, објави дека во Државниот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје има многу незаконити постапки и непотистичко работење и покрај фактот што деканите биле известени и биле дека таквите постапки се самоволни и противзаконити.

На 13 мај, еден месец пред промената која ја прави ЦИКП-CRPM,  Сиљановска Давкова ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,  „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово. Присутен бил и ректорот на  државниот универзитет  „Мајка Тереза“ – Скопје.

На средбата, ректорите и претседателката размениле мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.

„Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование“,  соопшти тогаш кабинетот на претседателката.

Дали тоа значи дека ЦИКП-CRPM со Марија Ристеска, информациите добиени преку нејзиниот сопруг и советник на претседателката, Жидас Даскаловски ќе ги користат информациите од прва рака за идните грантови од ЕБОР и другите клучни донатори во земјава, за идно оснoвање на институт во државата!

И.И.

Слични содржини