Општина Центар свечено ја отвори новата градинка „Пролет”, современ објект изграден од темел според сите безбедносни и функционални стандарди, со капацитет на згрижување на 173 деца, на површина од 3.200 метри квадратни.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакна дека градинката е завршена за помалку од три години, целосно финансирана од општината, без задолжување.
„Оваа градинка не е само зграда – туку симбол на визија, вложување во иднината и одговорно водење. Во еден мандат – започнавме, изградивме и денес свечено ја отвораме! Темелите ги поставивме во јуни 2022 година. И еве нè денес – пред најубавата градинка во целиот регион”, изјави Герасимовски на отворањето.
Тој посочи дека за помалку од три години објектот е целосно изграден, опремен и со сите потребни дозволи од Министерството за труд и социјална политика.
„Пролет“ не е само објект. „Пролет“ е визија. Вложување во иднината. Градинката е изградена целосно со општински средства, без кредити, по цена од 900 евра по квадратен метар – под просечната градежна цена. Модерно. Безбедно. Топло. Сè е направено одговорно и со внимание, според сите прописи” нагласи Герасимовски.
Герасимовски изрази благодарност до сите што беа дел од процесот на реализација, а особено до директорката на градинката и нејзиниот тим за нивната посветеност, соработка и визија уште од првиот ден.