Од правно лице во село Врапчиште – Гостивар, одземена е марихуана во вкупна количина од 4341 килограми, вредна над 10 милиони евра. Наведената количина е одземена по донесена Одлука на Владата за одземање на Одобрението за одгледување на канабис за медицински цели на наведеното правно лице поради констатирани неправилности во работењето, информираат од МВР.
Марихуаната е сместена во Агенција за управување со одземен имот.
Од МВР посочуваат дека акцијата била спроведена од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога и полициски службеници од ОВР Гостивар и надлежен Јавен Обвинител од гостиварското ОЈО, по претходно издадена Наредба од гостиварскиот Основен суд.
– Имено, во изминатиот период од страна на полициски службеници од Одделот за крими полиција и ОВР Гостивар во координација со Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели беше извршена вонредна контрола при што се констатирани бројни неправилности во работењето, за што од страна на ОВР Гостивар до ОЈО Гостивар е поднесена кривична пријава по член 95 в од Законот за контрола на опојни дроги, велат од МВР.
По донесувањето на одлуката на Владата на РСМ, 4341 килограми наркотична дрога марихуана е одземена и сместена во Агенција за управување со одземен имот.
– Министерството за внатрешни работи заедно со Комисијата од Министерството за здравство и во иднина ќе продолжи со контроли во правните лица кои поседуваат одобренија за одгледување на канабис за медицински цели со цел утврдување на евентуални неправилности во работењето, потенцираат од полицијата.