Јапонската компанија Value Progress создаде уникатен суперавтомобил со радикална каросерија, кој е базиран на моделот Diablo на Lamborghini, но го задржува својот атмосферски V12 мотор. Оваа креација беше претставена на Osaka Auto Messe.
На прв поглед, оваа бизарна креација може да се помеша со еден од оние евтини, обични автомобили модифицирани за да изгледаат како суперавтомобили, но во случајот со автомобилите на фотографиите тоа не е така. Проектот всушност е базиран на Lamborghini Diablo и се вика The Beast (Ѕверот).
Автомобилот го дизајнираше и изгради јапонската компанија Value Progress, а целта беше да се создаде „супер спортски автомобил од Јапонија“ кој ќе ги „изненади“ луѓето со својот изглед. Таа цел дефинитивно е исполнета.
Прилагодената каросерија има мноштво крила и отвори, инспирирани од јапонската bosozoku автомобилска култура. Ниту една оригинална каросерија не остана недопрена, само шофершајбната беше задржана од гореспоменатиот Diablo.
Издолжениот преден дел има зашилен нос кој личи на птичји клун, како и вертикално наредени фарови, високо поставени светла за магла, хауба со отвори за вентилација и пренагласен сплитер. Сепак, дури и овој драматичен преден дизајн е во сенка на задниот дел.
Драматично разгорените задни браници имаат текстура во стилот на оригами што се чини дека не служи за никаква практична цел. Таму, масивното задно крило е поврзано со покривот со централна перка. И додека се чини дека му оддава почит на Lamborghini Veneno, оваа перка на The Beast повеќе личи на скала.
Опашката и дифузерот содржат повеќе перки, што создава визуелен хаос. „Ѕверот“ има осум тркалезни задни светла и четири издувни врвови поставени невообичаено високо.
Екстремната каросерија го прави The Beast 570 mm подолг и 360 mm поширок од стандардниот Diablo, давајќи му на автомобилот агресивен и застрашувачки изглед. Должината на суперавтомобилот е 5.030 mm, ширина 2.400 mm и висина 1.260 mm. Сепак, висината на покривот е само 1.100 mm.
Телото е обоено во италијанско црвено со темно сиви и виолетови детали. Автомобилот доби комплет резервни бандажи со димензии 19 инчи напред и 20 инчи назад. Тој е придвижуван од 5,7-литарскиот V12 мотор на Diablo, поврзан со рачен менувач. Моделската година и верзијата за која станува збор не се откриени, но во зависност од верзијата, овој мотор развива помеѓу 485 и 603 КС.
Исто така, не е јасно какви промени се направени во шасијата, но Value Progress наведува дека е поставена врвна суспензија, како и подобрен систем за сопирање.
Се уште не е познато дали автомобилот ќе биде достапен за продажба.