📽 Најмалку 68 лица загинаа на северот на Кина поради обилните дождови, 44 од нив во Пекинг

од desk2
10 прегледи Фотографија: Х

Поради екстремните временски услови изминатава седмица на северот на Кина, смртно настрадале најмалку 68 луѓе, од кои 31 во старечки дом во ридестиот округ Мијун, во една од најсмртоносните поплави што ја погодија кинеската престолнина во последниве години.

Во главниот град Пекинг до пладне денеска загинале 44 лица, а девет се водат како исчезнати, на прес-конференција соопшти заменик-градоначалничката на Пекинг, Шјија Линмао.

Големи површини од територијата на градот се под вода, а поројните поплави оштетиле голем број објекти и сообраќајници. Во некои села, улици се целостно затрпани со наноси.

Обилните дождови што започнаа пред една седмица достигнаа кулминација во подрачјето околу Пекинг и околните провинции во понеделникот, а во Мијун имало врнежи до 573,5 мм – ниво што локалните медиуми го опишуваат како „крајно деструктивно“.

Просечните годишни врнежи во Пекинг изнесуваат околу 600 мм.

Во блиската провинција Хебеј, 16 лица загинале од последици од обилните дождови, соопштија властите.

Најмалку осум лица загинале во градот Ченгде во близина на Пекинг, а 18 се водат како исчезнати.

Загинале и жители на селата што се граничат со пекиншки Мијун, на околу 25 километри од хидроакумулацијата Мијун, најголемата во северна Кина. Во акумулацијата се забележани рекордни нивоа на вода.